Бесплатни прегледи на црн дроб, како и тестирања за хепатит Ц и ХИВ се вршат деновиве со помош на Мобилен инфо хеп центар сместен во возило со најсовремена опрема. Прегледите се безболни, траат по пет минути, наликуваат на контрола со ултра звук и ја заменуваат инвазивната метода на биопсија на црн дроб. Возилото е во сопственост на хрватско здружение за борба против болести на црниот дроб, добиено како донација од Брисел. Прегледите започнаа од дворот на Клиничката болница во Битола, а возилото во следните денови ќе посети и други градови низ Македонија.
„Го нудиме своето знаење и помош на пациентите во Македонија. Во следните три-четири дена да им пружиме помош на неколку стотици пациенти од Битола, Тетово, Гостивар, Скопје и манастирот ‘Св. Јован Бигорски’ каде има штитеници. Работиме со локални доктори, а оние критични пациенти ќе се препраќаат на лекар. Сето ова го правиме во склад со глобалната стратегија на Светската здравствена организација за елеминирањена вирусните хепатити до 2030 година“, рече Татјана Реиќ, претседател на Европското задужение за борба против болести на црниот дроб.
Заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски рече дека ќе се направи обид Македонија да добие слично возило.
„Ќе направиме пресметка колку би чинело едно вакво возило за да се набави и со кое ќе ја исклучиме инвазивната метода, ќе ги едуцираме и лекарите за работа со ваква метода со цел да се подобри здравствената услуга во Македонија“, рече Чакаровски.
Тој најави дека во тек е изготвување на регистар на заболени од хепатити во Македонија.
Мобилниот хеп центар во Македонија допатува во соработка со Центарот за хепатитис „Хепар“, од каде очекуваат Македонија да продолжи со набавка на најсовремени лекови за болестите на хепарот.
„Во процес сме заедно со Министерството за набавка на современи медикаменти за одреден број критични пациенти во Македонија. Имавме неколку случаи на трансплатнација, меѓу кои и 25-годишен битолченец, кој имаше две трансплантации и компликации. Министерството успеа да набави почетна терапија и тој се стабилизира. Очекуваме импелементирање на современите лекови во Македонија и што поголем број на пациенти да ги добијат и да се намали бројот на смртни случаи и на трансплантации“, рече Милан Мишковиќ од „Хепар“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА