„БЕТОН“ ЈА ИЗГРАДИ БЕЛАТА ПАЛАТА НА ВМРО-ДПМНЕ, А НИВНИОТ ХОТЕЛ СТОИ НЕДОГРАДЕН КАКО ГРДОСИЈА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    „БЕТОН“ ЈА ИЗГРАДИ БЕЛАТА ПАЛАТА НА ВМРО-ДПМНЕ, А НИВНИОТ ХОТЕЛ СТОИ НЕДОГРАДЕН КАКО ГРДОСИЈА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕПросторот е ограден со тараби, од сите страни се поставени скелиња и висат платна со кои е покриена зградата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Хотелот кој ГП „Бетон“ во 2013 почна да го гради до белата палата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, неколку години стои како карабина. На оваа локација во строгиот центар на градот нема никакви градежни градежни активности и просторот кој некогаш беше пешачка улица сега е грдосија. Од една страна е запуштениот дел на зградата на „Технометал Вардар“, а од друга е градилиштето за хотелот. Просторот е ограден со тараби, од сите страни се поставени скелиња и висат платна со кои е покриена зградата.

    Од „Бетон“ не добивме одговор на нашето прашање зошто не се гради зградата, дали се планира да се продолжи со градбата или таа ќе остане во форма на градилиште.

    Одобрението за градба на хотелот заедно со зградата на ВМРО-ДПМНЕ „Бетон“ го добива во јуни 2012, а станува провосилно во март 2013. Од Општина Центар велат дека сè уште не е истечен рокот за градба и затоа не можат да преземат никакви активности по однос на ова градилиште.

    „Согласно членот 68 од Законот за градење, рокот за изградба на објектот е 6 години. Но, со Законот за изменување и дополнување на Законот за градење рокот за изградба на објектот е продолжен на 10 години и важи ретроактивно, за сите издадени одобренија за градење. Поради тоа до овој момент ‘Бетон‘ не плаќа пенали кон Општината“, велат од Општина Центар.

    „Бетон“ бесплатно ја изгради белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат го доби земјиштето за да гради хотел. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Хотелот на „Бетон“ се наоѓа на улицата која водеше до некогашната жолта зграда на два ката на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Но, со доаѓањето на власт на партијата под раководство на Никола Груевски, државното земјиште Министерството за транспорт и врски го продава по багателна цена од 130.000 евра на партијата, и со неколку измени на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ во времето кога градоначалник е Владимир Тодоровиќ се нацртаа маркички за сегашните објекти со висина приземје и осум ката. Потоа, партијата се договори со „Бетон“ бесплатно да им ја изгради зградата, а за возврат им го дадоа земјиштето за да си градат хотел.

    „Бетон“ беше еден од најголемите градители на објектите од проектот „Скопје 2014“, за што имаше склучено договори во вредност од околу 200 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира