БИТОЛЧАНИ НАГРНАА НА БЕСПЛАТНО СКИЈАЊЕ НА ПЕЛИСТЕР

    БИТОЛЧАНИ НАГРНАА НА БЕСПЛАТНО СКИЈАЊЕ НА ПЕЛИСТЕРСе проценува дека само денес планината ја посетија околу 4.000 гости. (Фото: СДК.МК)

    Во двата ски центри на Пелистер, „Копанки“ и „Ниже Поле“ денес користењето на ски-лифтовите и жичницата се бесплатни. На ваков начин двата скијачки центри ја отпочнаа работата за оваа зимската сезоната откако деновиве наврна снег и создаде услови за скијање.

    Во последните десетина, па и повеќе години, поради климатските промени сѐ поретко има снег на ски патеките, па сезоните се кратки. Токму затоа, кога има снег сите патишта во Битола водат кон Пелистер, а сезонава уште повеќе зашто со пандемијата со коронавирусот затворена е границата, па битолчани не можат да одат на скијање во соседна Грција.

    Иако нема точни бројки, се проценува дека само денес планината ја посетија околу 4.000 гости.

    Од ски центраот „Ниже Поле“ велат дека посетеноста е голема, некаде над 2.000 гости, претежно скијачи. Поради големиот интерес и поволните временски услови како и квалитетот на стазата, вечерва продолжуваат со ноќно скијање од 18 до 21 часот. Двата дена од викендот гратис е користење на ски-лифтот.

    Во ски центраот „Копанки“ жичницата денес може бесплатно да се користи, а надлежните предупредија дека услови за скијање има на дел од патеката. Местото го посетија над илјада гости претежно од Битола, но и од соседните општини Прилеп, Ресен, Охрид и други места.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира