Не стивнуваат реакциите на битолчани во врска со современиот центар за управување со отпад, односно регионалната депонија која до 2027 треба да се изгради во соседната Oпштина Новаци, каде смет ќе депонираат 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион. Битолчани се поделени, едни поддржуваат, други бараат референдум, дислокација, протест, а се шират и лажни вести.
Душко Груевски, долгогодишен еко-активист, на вонредната седница на Советот, директно се обрати до претставниците на Министерството за животна средина (МЖСПП) велејќи им дека никој нема против стандардизирано управување со отпад, но битолчани немаат доверба во системот кој треба да врши контрола врз загадувањето.
„Мрзливо е Министерството. Му прогледува низ прсти на РЕК иако не почитуваат никакви стандарди за заштита на животната средина. Хотелот ‘Молика‘, кој е под централна власт, нема пречистителна станица и ниеден извор од Подпелистерието не е бактериолошки исправен за пиење. Министерството нема мрднато со прст да го поправи тоа. Кога ќе ни дојдат странци ги носиме на Пелистер со шишенца вода од Битола. Детското одморалипте на Пелистер не успеа државата да го задржи, каде одеа деца со респираторни проблеми. Во мое име да ви порачам, Министерството за живота средина комплетно си ја промашува работата што се однесува до контролата на ваквите капацитети“, рече Груевски.
Дел од граѓанските активисти бараат промена на локацијата која сега е на 18 километри од Битола, како и референдум дали битолчани се за изградба на регионална депонија во нивна близина. Но, проблем е тоа што жителите на Битола немаат ингеренции да одлучуваат за друга општина, па останува на евентуален референдум да се изјаснат само за исклучување на Битола од проектот ако локацијата остане во Новаци.
Ана Мазневска, експертка од МЖСПП, рече дека граѓаните мора да им веруваат на стручните лица, центарот за отпад ќе биде по европски стандарди и тоа строго ќе се контролира.
„Битолчани можат да излезат на референдум, но кога се работи за стратешки инвестиции на земјата, на крај сепак се одлучува на национално, а не на локално ниво.
Група на Фејсбук најави и протести в сабота пред Општината. Други еко-активисти изјавија дека нема да присуствуваат зашто организаторот е анонимен.
Во изминатите денови беа објавени повеќе лажни вести за регионалната депонија, дека ќе се гради во Битола, што не е точно, дека Советот донел таква одлука, а советниците само изгласаа да се воспостави меѓуопштинска соработка и делегираа двајца членови во Комисијата која ќе ги подготви актите за меѓуопштинското јавно претпријатие.
Во меѓувреме, додека траат препукувањата, Битола продолжува да транспортира околу 51.710 кубни метри комунален отпад од 85.164 жители на ѓубриштето во Мегленци, кое од 54 депонии во државата е на 28 место по ризик за животната средина.
Ж. ЗДРАВКОВСКА