БИТОЛСКА АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ ПРЕСУДАТА ЗА ОХРИДСКИОТ ПЧЕЛАР ЧИИ ПЧЕЛИ ИСКАСАЛЕ ОХРИЃАНЕЦ, ПРАВДАТА ЌЕ ЈА БАРА ВО СТРАЗБУР

    БИТОЛСКА АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ ПРЕСУДАТА ЗА ОХРИДСКИОТ ПЧЕЛАР ЧИИ ПЧЕЛИ ИСКАСАЛЕ ОХРИЃАНЕЦ, ПРАВДАТА ЌЕ ЈА БАРА ВО СТРАЗБУРБитолскиот апелационен суд само ја намали паричната казна, па обвинетиот сега заедно со судските трошоци ќе треба да плати 10 илјади евра. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд во Битола ја потврди пресудата за охридскиот пчелар кој во судска постапка што траеше осум години од Основниот суд од Охрид беше осуден да плати 15.000 евра оти неговите пчели каснале охриѓанец. Битолскиот апелационен суд само ја намали паричната казна, па обвинетиот сега заедно со судските трошоци ќе треба да плати 10 илјади евра.

    Пчеларот Лазе Грозданов вели дека не се чуствува виновен, а правдата ќе ја бара во Стразбур.

    „Тука правдата не завршува. Правдата ќе ја барам во Судот во Стразбур. Ја имаме максималната поддршка од сите пчелари на ниво на Македонија, пчелите и пчеларството не треба да бидат жртва на одредени поединци кои мислат дека можат да направат сè и сешто, имајќи и чувствувајќи ја власта како силна заднина во остварувањето на нивните лични цели да се пресметуваат со пчеларите“, вели Грозданов.

    Од Здружението на пчелари во Охрид велат дека секој може да поведе постапка и да отвори спор, но Судот не треба да ја прифаќа ако нема докази и факти.

    „Сите сме во страв и не знам дали ќе продолжиме со чување пчели или не. Извршно решение веќе има колегата. Тоа што можеме во моментов да му помогнеме е да му дадеме поддршка која веќе во писмена форма ја има од сите пчеларски здруженија во државава и правдата да се бара пред институциите надвор од државата“, вели претседателот на Здружението, Тони Јосифоски.

    Според образложението од пресудата, пчеларот Лазе Грозданов од село Долно Коњско, Охрид е прогласен за виновен за кривично дело „предизвикување општа опасност“ оти го управувал своето возило во кое имал натоварено пчели. Во образложението стои дека сандаците не биле добро затворени, па од нив излегле рој пчели и го нападнале оштетениот Васко Паскали, кој бил со неговата сопруга и малолетно дете. Паскали со телото го заштитил малото бебе и со трчање се упатил кон неговиот дом. Во моментот на бегање пчелите го касале во пределот на вратот, главата и лицето, по што бил искасан и отечен. Чувствувал тешко дишење и се упатил во охридската Општа болница каде бил сместен на Интерното одделение. Од претрпениот страв и ден денес чувствувал страв од пчели. Судот смета дека од каснувањето на пчелите тужителот добил алергиска реакција и доживеал страв како за себе така и за неговото дете и сопруга.

    Настанот се случил од 2014, а пресудата е донесена после 8 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира