ПЧЕЛАР ОСУДЕН ДА ПЛАТИ 15.000 ЕВРА ОТИ НЕГОВИТЕ ПЧЕЛИ КАСНАЛЕ ОХРИЃАНЕЦ

    ПЧЕЛАР ОСУДЕН ДА ПЛАТИ 15.000 ЕВРА ОТИ НЕГОВИТЕ ПЧЕЛИ КАСНАЛЕ ОХРИЃАНЕЦНастанот се случил од 2014, а пресудата е донесена после 8 години, што за пчеларите од Охрид е уште една апсурдност. (Фото: СДК.МК)

    Пчелар од Охрид е осуден да плати 15.000 евра оти неговите пчели каснале охриѓанец во 2014. Според пресудата на Основниот суд од Охрид изречена после 8 години, лицето претрпело страв, а и имал физички и душевни болки.

    Според пресудата, пчеларот се задолжува на тужителот да му исплати штета за претрпени физички болки од 300.000 денари, за претрпен страв од 200.000 денари и за претрпени душевни болки од 100.000 денари, како и трошоци во постапка од над 150.000 денари.

    Според образложението од пресудата, пчеларот Лазе Грозданов од село Долно Коњско, Охрид е прогласен за виновен за кривично дело „предизвикување општа опасност“ оти го управувал своето возило во кое имал натоварено пчели. Во образложението стои дека сандаците не биле добро затворени, па од нив излегле рој пчели и го нападнале оштетениот Васко Паскали, кој бил со неговата сопруга и малолетно дете. Паскали со телото го заштитил малото бебе и со трчање се упатил кон неговиот дом. Во моментот на бегање пчелите го касале во пределот на вратот, главата и лицето, по што бил искасан и отечен. Чувствувал тешко дишење и се упатил во охридската Општа болница каде бил сместен на Интерното одделение. Од претрпениот страв и ден денес чувствувал страв од пчели. Судот смета дека од каснувањето на пчелите тужителот се здобил со алергиска реакција и доживеал страв како за себе така и за неговото дете и сопруга.

    „Ова е директен удар врз пчеларите“, велат од Здружението на пчелари Охрид.

    Настанот се случил од 2014, а пресудата е донесена после 8 години, што за пчеларите од Охрид е уште една апсурдност покрај, како што ја нарекоа, смешната постапка.

    „Со постапката докажаа дека сум осуден само поради тоа што сум поседувал возило со кое се транспортирани пчели, а ниту во еден случај при преселба пчелите не го напуштаат пчелното семејство. Ние како пчелари немаме влијание врз пчелите, но Судот го прифати целиот спор и потврди дека јас сум виновен“, вели Лазе Грозданов.

    Апелација во Битола ја потврдила првичната пресуда и го доставила предметот на извршување во Охрид, каде се докажало дека пчелите биле од Грозданов и дека возилото со кое се пренесувале било негово. Со граѓанска тужба постапката продолжила за надомест на штета.

    „Судијата во Охрид наоѓа некое соломонско прифатливо решение и досудува казна од вкупно 15 илјади евра. Ова не смее да стане судска пракса. Бараме да знаеме на што сме. Ако Судот може да носи вакви одлуки против пчеларите, а за сообраќајна несреќа судат досудува оштета од 35 илјади денари, тогаш која е логиката“, вели Грозданов.

    Пчеларите од Охрид бараат Републичкиот судски совет и Министерството за правда да го преиспитаат конкретниот случај и да одговорат дали, како што велат, чувањето пчели преставува високоризична професија и дали со оваа пресуда пчеларите се категоризирани во групата убијци.

    „Благодарение на пчелите опстојува човечкиот род. После изумирање на пчелите човечкиот род има уште 4-5 години. Да не дозволиме вакви судски пресуди. Висината на казната нè карактеризира како убијци“, велат пчеларите.

    Грозданов вели дека пресудата ќе ја обжали и најави масовна поддршка од сите пчелари од државава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира