Општина Битола во време на ексградоначалникот Владимир Талески трошела по 50.000 евра за новогодишните прослави на плоштадот Магнолија. Оваа сума долго време се држеше во тајност, а информација не можеа да ја добијат ни опозициските советници од претходниот состав на Советот, иако прашуваа на седниците колку чинат прославите.
На денешната седница на Советот сумата ја открија советниците од опозициската ВМРО ДПМНЕ, која до неодмана ја предводеше локалната власт во градот. Советниците од ВМРО ДПМНЕ побараа овие пари, годинава да не се трошат за пречек на Нова година туку да се пренаменат за еколошки билборд.
„Битола 22 дена е најзагаден град во Македонија, сметам дека со набавката на овие билборди ќе се придонесе да се намали загадувањето. Вакавите еколошки билборди се комбинација на специфични растенија, кои ги отстрануваат ПМ честичките, азотните оксиди и озонот од амбиенталниот воздух. Заменуваат 275 дрвја и го намалуваат штетното влијание на 471 автомобил. Пазарната вредност е 25 000 евра, а праксата во изминатите години за средства, кои се издвојуваа за прослава на Нова година на плоштад беше околу 50.000 евра. Лани немаше прослава, но зборувам за годините претходно“, рече Борче Димитровски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и колиционите партнери.
Но, за овој предлог мнозинството во Советот предводено од СДСМ гласаше против, со објаснување дека не можат да пренаменат 50.000 евра зашто толку пари годинава нема да се потрошат за Нова година, туку забавата ќе биде многу скромна.
„Денес слушнавме еден многу интересен податок дека Општина Битола трошела годишно по 50.000 евра за Новогодишна прослава. Оваа година прославата за Нова година ќе биде многу скромна и поевтина и нема да се потрошат толку пари. Никако не можеме да пренамениме 50.000 евра зашто такви пари не се предвидени и нема да ги потрошиме“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот, инаку кадар на ЛДП.
Во новогодишните прослави организирани од Општина Битола учествуваа детски театари и фестивали, локални музички бендови, но и познати естрадни уметници како Каролина Гочева, Калиопи, Владо Јаневски, Влатко Лозановски и други.
Ж. ЗДРАВКОВСКА