БЛАГ ПАД НА ХОСПИТАЛИЗИРАНИТЕ БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУС ВО КУМАНОВО

    БЛАГ ПАД НА ХОСПИТАЛИЗИРАНИТЕ БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУС ВО КУМАНОВОКумановската болница доби заштитна опрема од Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа.(Фото: СДК.МК)

    Во ковид-центрите во Општата болница во Куманово последнава недела се забележува благо намалување на бројот на хоспитализирани болни од коронавирус. Во болницата има слободни дваесетина кревети, но лекарите велат дека тоа не е причина за да се опуштат.

    „Имаме слободни болнички капацитети за сместување пациенти заболени од ковид -19. Во моментов, имаме 104 пациенти на болничко лекување и повеќе од 20 слободни кревети. Имаме благ тренд на намалување на бројката, но далеку од тоа дека можеме да бидеме спокојни и да велиме дека бројките драстично се намалени. За нијанса е намалена и потрошувачката на кислород, што значи дека имаме повеќе полесни и средно тешко болни, меѓутоа доаѓаат и многу тешки пациенти, за кои водиме битка за нивниот живот. Оние што се во исклучително тешка состојба ги упатуваме на скопските клиники“, вели директорката на болницата Снежана Захариева.

    Во кругот на  болницата веднаш до Инфективното оддление, од почетокот на месецот започна изградбата на монтажна ковид болница. Во тек се градежните активности и се очекува да биде готова до 25 декември, а потоа ќе следува и нејзино уредување и пуштање во употреба по Нова година. Таа ќе биде со капацитет од 40 легла.

    Кумановската болница денеска доби донација од заштитна опрема од Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), кој престојува во касарната „Боро Менков“ во Куманово. Донацијата е во вредност од 100 илјади денари, а ја врачија претставници на Комадата на SEEBRIG.

    Од вчерашниот билтен на Министерството за здравство, од коронавирус во Куманово починаа тројца пациенти на 62, 72 и 80-годишна возраст, 16 се новозаболени и 33 оздравени. Од почетокот на кризата, во Центарот за јавно здравје Куманово што ги опфаќа и Општините Липково и Старо Нагоричане регистрирани се 4.285 заразени, од кои активни се 639 случаи.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира