БОГДАНОВИЌ СМЕТА ДЕКА ДОЗВОЛАТА ШТО ЈА ДАДЕ ЗА КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ НЕМА ДА ВЛИЈАЕ ЗА ДА ДОБИЕ ВТОР МАНДАТ

    БОГДАНОВИЌ СМЕТА ДЕКА ДОЗВОЛАТА ШТО ЈА ДАДЕ ЗА КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ НЕМА ДА ВЛИЈАЕ ЗА ДА ДОБИЕ ВТОР МАНДАТБогдановиќ вели дека сработил и други капитални проекти изминативе 4 години. (Фото: Општина Центар)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ смета дека тоа што потпиша градежна дозвола за изградба на кулите кај „Холидеј ин“ во строгиот центра на Скопје, не би можело да има влијание врз резултатите од локалните избори ниту пак врз неговото кандидирање за втор мандант од СДСМ.

    На новинарско прашање дали тоа што не успеа да спречи градба на 20-катници во срцето на Скопје ќе има влијани врз неговата партиска кандидатура и резултатите на изборите, Богдановиќ рече дека тој сработил и многу други проекти.

    „Не може да влијае затоа што Општина Центар покажа спремност дека сака да направи промени. Имавме пресуда од Уставен суд која е клучна и нè стопираше во активностите. Ние не се откажуваме, јас неколку пати повторив дека ќе ја спроведуваме нашата политика на менување на Деталните урбанистички планови, но и во спроведување на постоечките. Општина Центар покажа спремност дека сака да направи промени, но треба да се гледа и сè она што го постигнавме со реализација на капитални проекти“, рече Богдановиќ кој присуствуваше на почетокот на градежните работи за пробивање на булеварот АСНОМ низ Керамидница, трета фаза од проектот на Град Скопје за поврзување преку новиот мост на Аеродром со Гази Баба.

    Градоначалникот Богдановиќ на почетокот на месецов ја потпиша градежната дозвола за изградба на првата од трите кули кај „Холидеј ин“.

    „Нема жалби по однос на барањето за градењето за кое се платени комуналиите. Откако пропадна можност за суспензија на Деталниот урбанистички план за тој дел, не постојат никакви пречки да се гради и барањето за градба стана правосилно“, рече Богдановиќ на 8 јули.

    На првата од трите градежни парцели на просторот кај „Холидеј ин“ инвеститорите „Фешн груп“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) ќе градат три 20-катници. Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда.

    Планот за зградите во овој дел од центарот на градот беше донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Власта на СДСМ не направи ништо да спречи во срцето на главниот град да се гради според план неусогласен со Генералниот урбанистички план, иако пред да дојдат на власт остро ги критикуваа плановите на власта на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека со нив се бетонизира Скопје и ветуваа промена на урбанистичките политики.

    Не само што не ја смени урбанистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ, туку за време на оваа власт беше направено дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште. Во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба во Центар, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугарески од СДСМ, инвеститорите го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот, наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака и да предвиди содржини од јавен интерес, како што се градинки, паркови, школи и слично.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира