БОГОЕВ НЕ МОЖЕ ДА ЈА ДОВРШИ ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ВО КАРПОШ ОТИ ЈАКИМОВСКИ ГО УТНАЛ ПРОЕКТОТ

    БОГОЕВ НЕ МОЖЕ ДА ЈА ДОВРШИ ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ВО КАРПОШ ОТИ ЈАКИМОВСКИ ГО УТНАЛ ПРОЕКТОТ„Она што досега е изградено во голема мера отстапува од проектот врз основа на кој е добиено одобрението за градба, па зградата нема да може да добие употребна дозвола, вели градоначалникот Богоев. - Стевчо Јакимовски; Стефан Богоев (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев не може да ја доврши општинската зграда оти неговиот претходник Стевчо Јакимовски  го утнал проектот. Она што досега е изградено во голема мера отстапува од проектот врз основа на кој е добиено одобрението за градба, па зградата нема да може да добие употребна дозвола, вели градоначалникот Богоев.

    „Утнат е проектот. Има голем број отстапки од проектот, на пример предвидени се две подземни нивоа на паркирање, но изведено е само едно оти било констатирано дека има подземни води и многу ќе чини ако се прави второто подземно ниво. Може проектот да се измени во тек на градба но тоа не е направено, а исто така процентот на измени отстапува од она што е дозволено со Законот за градба. Ќе формирам комисија од правници и урбанисти за да видиме како да продолжиме понатаму“, вели Богоев.

    Општинската зграда почна да се гради во октомври 2012 година и тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски најави дека ќе биде готова за осум месеци. (Фото: Општина Карпош)

    Како неправилности при изградбата на општинската зграда се и тоа што за измените во тек на градба нема одлучено Советот на Општина Карпош. Спроведени се повеќе постапки за јавни набавки кои не се базираат на позициите во основниот проект, техничките спецификации во прилог на договорите не се предвидени во основниот проект за градба, пред да се започне со градба направена е измена на основниот договор со анекс, направени се повеќе измени на јавните набавки кои не се базираат на позициите предвидени во основниот проект.

    „Досега ништо за зградата не е платено. Уште немаме точни информации колку пари должиме и колку ќе не чини довршувањето. За зградата бил подигнат наменски кредит, но наместо со него да се исплаќаат фирмите изведувачи тој бил користен за други цели“, додава Богоев.

    Зградата на Општина Карпош почна да  се гради во октомври 2012 година и тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски најави дека ќе биде готова за осум месеци. Во текот на градбата Општината промени неколку фирми изведувачи, а за зградата беше земен кредит во висина од 1,4 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира