БОГОЕВ ТРИ ГОДИНИ НЕ ЗНАЕ ШТО ДА ПРАВИ СО НЕДОВРШЕНАТА ОПШТИНСКА ЗГРАДА НА КАРПОШ ЗА КОЈА ЈАКИМОВСКИ ГО УТНА ПРОЕКТОТ

    БОГОЕВ ТРИ ГОДИНИ НЕ ЗНАЕ ШТО ДА ПРАВИ СО НЕДОВРШЕНАТА ОПШТИНСКА ЗГРАДА НА КАРПОШ ЗА КОЈА ЈАКИМОВСКИ ГО УТНА ПРОЕКТОТЗградата зјае недовршена иако во голема мера е изградена, поставена е фасада и прозорци. (Фото: СДК.МК)

    Три години нема никакви градежни работи на административната зграда на Општина Карпош, ниту е најдено решение како да се продолжи реализацијата на овој проект. Откако во 2017 на градоначалничката функција на местото на Стевчо Јакимовски дојде Стефан Богоев, беше кажано дека зградата не може да се доврши оти е утнат проектот. Она што досега е изградено во голема мера отстапува од проектот врз основа на кој е добиено одобрението за градба, па зградата нема да може да добие употребна дозвола.

    Ниту изминативе три години за ова не е најдено решение, па зградата и понатаму зјае недовршена иако во голема мера е изградена, поставена е фасада и прозорци.

    „Државниот завод за ревизија во својот редовен извештај за материјално-финансиското работење на Општина Карпош констатираше дека новата општинска зграда е изградена спротивно на избраниот проект и одобрението за градење. Како Опшина формиравме работна група од стручните служби од Секторот за урбанизам, кои во моментов прават проверка на целата документација во врска со општинската зграда, со цел можно откочување на процесот“, велат од кабинетот на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.

    Зградата на Општина Карпош почна да  се гради во октомври 2012 година и тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски најави дека ќе биде готова за осум месеци. Во текот на градбата Општината промени неколку фирми изведувачи, а за зградата беше земен кредит во висина од 1,4 милиони евра.

    Градоначалникот Богоев по стапување на функцијата кажа дека досега ништо за зградата не е платено. Наменскиот кредит кој бил подигнат се користел за други цели наместо да се исплаќаат фирмите изведувачи.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира