БРАНИТЕЛИТЕ ВО ВОЈНАТА ВО 2001 ОД КАРБИНЦИ ОСЛОБОДЕНИ ОД ОПШТИНСКИТЕ ДАВАЧКИ, ШТИП 4 МЕСЕЦИ ГО АНАЛИЗИРА ПРЕДЛОГОТ

    БРАНИТЕЛИТЕ ВО ВОЈНАТА ВО 2001 ОД КАРБИНЦИ ОСЛОБОДЕНИ ОД ОПШТИНСКИТЕ ДАВАЧКИ, ШТИП 4 МЕСЕЦИ ГО АНАЛИЗИРА ПРЕДЛОГОТБранителите од Карбинци нема да плаќаат партиципација за градинка, а ќе бидат ослободени и од данок на имот и други комунални давачки, за градба и слично. Општина Штип на чело со градоначалникот Благој Бочварски за исто ослободување на бранителите размислува од лани во ноември, но нема одлука (Фото: СДК.МК)

    На предлог на опозицијата, Советот на Општина Карбинци едногласно донесе одлука бранителите од воениот конфликт во 2001 да бидат ослободени од комунални и други општински давачки. Од оваа Општина има околу 35 бранители кои учествувале во конфликтот пред 18 години и според одлуката, нивните семејства ќе бидат ослободени од комуналии за градба, од плаќање данок на имот и партиципација за градинка на нивните деца .

    Одлуката е донесена, но градоначалникот на Карбинци Јордан Насев нема конкретни анализи за тоа колкава е точната бројка на граѓани што ќе ја имаат оваа поволност и колку тоа ќе ја чини Општината.
    „Ослободувањето од давачките за градинка ќе се покрие од буџетот на Општината, додека за останатите ослободувања покривањето ќе биде со одземање на средства од некои други ставки на буџетот. Сметам дека ќе најдеме начин и средства целосно да се сервисираат сите ослободувања предвидени со одлуката“, вели Насев.

    Општина Карбинци ја донесе оваа одлука експресно, а е иницирана од соседната Општина Штип, чии советници исто така од опозицијата уште во ноември минатата година дадоа иницијатива за ослободување од општинските давачки на бранителите. Иницијативата беше формално прифатена и од советниците на СДСМ, но се побара најпрвин да се направи конкретна анализа за колку семејства ќе се однесува одлуката и колку тоа ќе ја чини Општината.

    Предлагачите на оваа иницијатива, која беше прифатена и од советниците кои го преставуваат Здружението на бранителите од Штип, сметаат дека во Штип има над 800 бранители и предлагаат Општината Штип по четири месеци да го земе примерот од соседната Општина Карбинци.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира