ЧЕТИРИМЕСЕЧНО БЕБЕ И 4-ГОДИШНО ДЕТЕ СЕ НАЈМЛАДИТЕ ПАЦИЕНТИ СО КОРОНАВИРУС ВО ТЕТОВСКО ВО ПОСЛЕДНИОТ ПЕРИОД

    ЧЕТИРИМЕСЕЧНО БЕБЕ И 4-ГОДИШНО ДЕТЕ СЕ НАЈМЛАДИТЕ ПАЦИЕНТИ СО КОРОНАВИРУС ВО ТЕТОВСКО ВО ПОСЛЕДНИОТ ПЕРИОДВо последниов период се забележува пораст на бројот на заболени меѓу помладите лица, вели Наим Скендери од Центарот за јавно здравје во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Според денешната епидемиолошка слика, во Тетово и околните општини има девет нови случаи на коронавирус: три во Општина Желино и шест од Општина Тетово. Од Центарот за јавно здравје на Општина Тетово велат дека сите новозаразени лица се контактирани и изолирани и со оглед на нивниот мал број, не се очекува влошување на ситуацијата.

    Само пред неколку дена, градоначалникот на Општина Желино побара неговата општина да биде иземена од 86-часовниот полициски час, бидејќи немало новозаразени лица, но денешните резултати покажаа дека таму состојбата и натаму не е ставена под целосна контрола.

    „Општина Желино не е ново жариште. Досега таму имаше малку заразени лица, а последниве десетина дена немаше нови случаи, сѐ до денес, кога се регистрирани три. Ова сега е еден нов кластер, во кој тројцата се заразиле од контакти со веќе познати заразени лица. Сите тројца се контактирани и изолирани, па затоа мислам дека, според бројките, ова нема да биде потенцијално ново жариште“, изјави Наим Скендери, специјализант по епидемиологија во Центарот за јавно здравје во Тетово.

    Освен Општина Тетово, каде што бројот на заразени сега изнесува 164, бројката расте и во Општина Теарце.

    „Последниве неколку дена најмногу заболени, освен во Тетово, има во Општина Теарце, каде досега имаме 35 случаи. И овде најголемиот дел се заразени од контакт. Добра вест е што станува збор за познати кластери. На почетокот, тука имаше повеќе случаи во селото Слатина, кое е во состав на оваа општина, дедека во последниов период повеќе случаи се јавуваат во самото Теарце. Сите овие случаи се изолирани и нема многу нови кластери, па веруваме дека нема опасност Теарце да стане ново потенцијално жариште“, вели Скендери.

    Според него, во последниов период се забележува пораст на бројот на заболени меѓу помладите лица, при што најмладиот пациент е четиримесечно бебе.

    „Има неколку случаи од нула до деветгодишна возраст, како и лица од 20 до 30 години. Најмалите заразени имаат четири месеци и четири години. Во повеќето случаи, станува збор за асимптоматски случаи или со блага клиничка слика“, истакна Скендери.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира