ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАР ВО ТЕТОВСКО ВЕЈЦЕ, ПОЖАРНАТА И БРЗАТА ПОМОШ НЕ МОЖЕЛЕ ДА ПРИСТАПАТ

    ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАР ВО ТЕТОВСКО ВЕЈЦЕ, ПОЖАРНАТА И БРЗАТА ПОМОШ НЕ МОЖЕЛЕ ДА ПРИСТАПАТекипите на Брзата помош се движеле преку куќи и дворови, две куќи се до темел изгорени и угинале неколку домашни животни во шталите (Фото: СДК.МК)

    Во голем пожар кој изби вчера попладне во тетовското село Вејце изгореа 5 објекти, а четири лица се повредени од кои едно е префрлено во тетовската клиничка болница. Пoжарот избил околу 16 часот, а тетовските пожарникари по примената дојава веднаш се упатиле кон селото.

    „Имавме пријава дека гори само една плевна, но додека одевме кон селото, поради силниот ветер ни јавија дека огнот зафатил уште неколку објекти поради што моравме да пратиме уште противпожарни возила. Но, кога стигнавме до селото повторно на виделина излезе еден проблем за кој долго време зборуваме дека конечно треба да се реши. Поради тесните улици не можевме да се пробиеме со големите цистерни. Само со две помали противпожарни возила успеавме некако да дојдеме во близина на местото на пожарот, па со монтирање подолги црева, го гасевме пожарот. Огнот беше многу силен, гореа три плевни и штали полни со сено, добиток и со многу други работи, а беа зафатени и две куќи. Силниот ветар кој тогаш дуваше уште повеќе ја усложнуваше состојбата и постоеше опасност целото село да биде зафатено од огнот. Во гаснењето многу ни помогнаа и жителите на Вејце“ вели Ука Алити командир на Противпожарната едниница од Тетово.

    Алити вели дека екипите на Брзата помош се движеле преку куќи и дворови низ густиот чад за да стигнат до местото на пожарот за да им помогнат на повредените.

    „За жал имаше 4 повредени лица од кои едно е префрлено во болницата во Тетово. После неколку часови борба со огнената стихија, огнот е изгаснат и не дозволивме да се прошири кон останатите куќи во селото“, додава Алити.

    Жителите од селото велат дека пожарот причинил голема материјална штета, две куќи се до темел изгорени, угинале неколку домашни животни во шталите, изгорена е голема количина слама во плевните и дел од покуќнината.

    З. АНДОНОВ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира