Градоначалникот Петре Шилегов не се откажува од намерата спомениците од проектот „Скопје 2014“ да се отстранат, но сега предлага да се направи мементо парк и таму да се дислоцираат. Според градоначалникот Шилегов ваков парк може да се направи на местото на дивата депонија во Општина Ѓорче Петров, која неодамна беше исчистена и на тој начин просторот ќе се заштити од повторно уништување.
„Мораме да биде внимателни, да не предизвикуваме нови поделби и револт во општеството. Треба да имаме меѓусебна почит без разлика дали некому му се допаѓа ‘Скопје 2014‘ или не. Скопје не е град како што сега изгледа центарот, ниту бил, ниту некогаш ќе биде. Но, мора да почитуваме дека некои луѓе сакаат тоа да го гледаат и со ваков парк ќе им го овозможиме тоа. Да не бидеме брутални во отстранувањето туку да имаме еден општествен помирувачки процес“, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција за заедничка инспекциска служба со скопските општини.
Шилегов посочи дека ваков мементо парк има направено во Будимпешта, Унгарија, каде се поставени сите статуи од комунистичкиот период на Унгарија од 1949 до 1989. Во паркот има статуи на Ленин, Маркс и Енгелс, како и на неколку од унгарските комунистички водачи.
„Зошто и ние да не направиме еден парк со оставнината на еден мал диктатор“, рече Шилегов.
Шилегов кажа дека Град Скопје во моментов работи на отстранување на четири споменици кои се донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадици и Крушоради, а не се платени на леарницата.
Од целиот проект „Скопје 2014“ кој сегашната власт како тогашна опозиција жестоко го критикуваше отстранет е само споменикот на Андон Јанев-Ќосето, кој Град Скопје го тргна од пред комплексот судови во март 2018.
А. АНТЕВСКА