Да не се издава „Б“ интегрирана дозвола за каменоломот за ископ на гранит, кој веќе извесен период работи во месноста Билбил Камен на 800 метри одделеченост од Битола, препoрача Комисијата за заштита на човековата средина која функционира при Советот на Општината. Препораката беше донесена на комисиска расправа едногласно, и од советниците на опозицијата и од оние на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Комисијата за заштита на човековата средина донесе препораки до локалната самоуправа да не се издаде Б интегрирана дозвола на концесионерот, а инспекторатот за животна средина да изврши увид на лице место и да постапи според законот. Со ова се потврдија нашите аргументи дека нема услови за работа на каменоломот над Битола“, рече Горан Козаров, советник од СДСМ и претставник на Комисијата за заштита на човековата средина.
На 27 март истекува рокот за издавање на Б интегирана дозвола за каменоломот. Опозицијата подолго време поднесуваше предлози за работата на каменоломот да се дискутира на седница на Совет, но против гласаше мнозинството во советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат и членовите од владачката парија во Комисијата гласаа за тоа да се даде препорака до Општината да не издава Б- интегрирана дозвола.
Во изминатиот период и невладините организации и опозицијата обвинуваа дека каменоломот загадува, а сопствениците тврдеа дека ја имаат извадено целокупната потребна документација од министерствата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА