ДАЈТЕ ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА ИЛИ НЕМА ДА ГЛАСАМЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ПРОТЕСТИРАА ЖИТЕЛИТЕ ОД СЕЛОТО ЧИФЛИК

    ДАЈТЕ ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА ИЛИ НЕМА ДА ГЛАСАМЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ПРОТЕСТИРАА ЖИТЕЛИТЕ ОД СЕЛОТО ЧИФЛИКЖителите на Чифлик протестираа на патот Штип-Кочани со шишиња полни со пожолтена вода. (Фото: СДК.МК)

    Жители од кочанското село Чифлик денеска го блокираа магистралниот пат Штип-Кочани, револтирани што досега не се исполнети нивните барања за квалитетно водоснабдување и изградба на канализациона мрежа. Бараат да се стави во употреба постојната водоводна мрежа која 20 години е вон функција. Ако не може, тогаш да се обезбедат средства за изградба на нова, а да се стави во фуникција и канализационата мрежа која е поставена во 2015.

    Протестот и блокадата започнаа во 10 часот и траеја речиси два часа, при што по едната лента од магистраниот пат се пропуштаа возила.

    Селото Чифлик има 700 жители од кои половината се млади и се наоѓа од десната страна на магистралниот пат Штип-Кочани. Во негова близина е реката Брегалница. Од Кочани е оддалечено 11 километри, но територијално селото се наоѓа во Општината Чешиново-Облешево.

    „Целото село е испреплетено со септички јами, а со вода се снабдуваме од сопствените бунари што ги имаме во дворовите. Но, водата постојано е со талог, понекогаш добива и црвена боја и воопшто не е за употреба. Речиси цело село со вода се снабдува од најдлабокиот бунар од 40 метри што се ископа во школскиот двор, но и таа вода не е за пиење“, вели Димитар Георгиев кој нагласува дека за пиење и готвење жителите се снаоѓаат најчесто со купување чиста вода.

    „Не можеме да се испереме со водата од нашите бунари и хидранти затоа што алиштата пожолтуваат. Не смееме машини за перење да вклучиме оти од нечистата вода се расипуваат. Не смееме и садовите со таа вода да ги миење затоа што ризично е за сите, а посебно за младите кои почнаа да се разболуваат. Јас со вода се снабдувам од други села или од продавница, па најчесто одиме во Кочани“, вели Драгана Ангелова

    „Ние што сме тука секојдевно на сред село постојано дискутираме за нашиот животен проблем што го паметиме уште пред 60 години, што значи дека од деца го живееме овој живот без квалитетна вода за пиење и без канализација. За цело време на плурализмот, но и пред тоа, Месната заедница поднесуваше барања до сите досегашни власти, но се остануваше само на ветување. Истото го правеа и преставниците на соодветните министерства“, велат повозрасните жители на Чифлик кои сметаат дека токму од овие причини младите се повеќе го напуштаат селото и заминуваат во градовите, а во последните години и во странство.

    Во селото има 30 ученици и најмногу заради нив се бориме да имаме здрава и чиста вода за пиење и канализационен систем, велат жителите од Чифлик кои денеска во голем број заедно со најмладите со транспаренти го блокираа патот.

    Градоначалникот на Општината Чешиново-Облешево Горанчо Крстев ги поддржува жителите од Чифлик и вели дека тие се сосема во право.

    „Водоснабдувањето преку кочанскиот водовод е решен до селото Облешево. За Чифлик имаме само проект за пречистителна станица. За сите проблеми и барања на жителите од ова село, ние како Општина сме ги проследиле информациите до Министерството за животна средина, а како тоа ќе реагира не знаеме“, вели Крстев..

    Жителите го повикаа Јавното обвинителство да покрене постапка и да утврди каде одат државните пари, средствата од европските фондови, кредитите од светската банка и разните донации што се слеваат на сметки на Општината Чешиново -Облешево токму за инфраструктурни објекти. Ако и овој пат општинските и државните власти и ресорните министерства пак се оглушат на нивните барања, сите жители сложно најавија дека ќе ги бојкотираат изборите и дека секоја недела ќе го блокираат магистралниот пат Штип-Кочани најмалку по еден час.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира