ДАНЕЛА ПОКАНИЛА НОВИНАРИ НА БРИФИНГ ВО РЕСТОРАН, А СМЕТКАТА НА ГРАДОТ Е БЛОКИРАНА, ВЕЛИ ДЕКА НЕ ПОТРОШИЛА НИ ДЕНАР ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

    ДАНЕЛА ПОКАНИЛА НОВИНАРИ НА БРИФИНГ ВО РЕСТОРАН, А СМЕТКАТА НА ГРАДОТ Е БЛОКИРАНА, ВЕЛИ ДЕКА НЕ ПОТРОШИЛА НИ ДЕНАР ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈААрсовска кога стапи на функција изјавуваше дека нема да троши пари во кафеани, па затоа САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша кој ја платил сметката во ресторанот. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера организираше работен појадок за медиуми во еден од поскапите скопски ресторани во населбата Капиштец. На брифингот беа поканети уредници само на некои медиуми.  Појадокот за одбраниот список на медиуми се случува во време кога сметката на Градот е блокирана, а познавачи на состојбите во градската управа тврдат дека Градот Скопје е пред банкрот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК  испрати прашања до Арсовска и нејзиниот тим за односи со јавноста колку чини појадокот во елитниот ресторан и од која буџетска ставка ќе се плати сметката. Со оглед на блокираната сметка на Градот, прашавме и како ќе се подмири цехот.

    Од Кабинетот на Арсовска ни одговорија: „Во својот мандат Арсовска нема потрошено ниту денар за репрезентации, за разлика од нејзиниот претходник Шилегов кој трошеше пари за бифтеци и скапи алкохолни пијалоци“.

    Оттаму не кажаа, дали сметката ја платила лично Арсовска, или службениот појадок во ресторанот е донација како што беше новогодишното украсување на Скопје и дочекот на Новата година. Во секој случај данокот мора да се плати, дури и ако е подарок, па од Градот нема одговор и на чија сметка ќе се книжи храната, пијалоците и угостителскиот сервис за новинарскиот работен појадок.

    Данела Арсовска нема одржано брифинг за медиумите повеќе од годинаипол. Имаше две средби со новинарите кусо по стапувањето на функцијата во ноември и декември 2021. Потоа реши воопшто да нема контакт со новинарите, ниту пак некој од нејзиниот тим одговара на прашањата за тековните активности, туку се појавува само на договорени интервјуа. Не поканува новинарски екипи ни кога оди на терен, туку самата се слика и си се објавува со официјални соопштенија и на социјалните мрежи, за да нема  ситуација некој да  ѝ постави прашање. Овој, трет брифинг во нејзиниот мандат, што го направи во ресторан, беше со лични покани за избрани медиуми, за да го избегне ризикот на брифингот да ѝ се појават новинари што можеби ќе поставуваат новинарски прашања на кои таа не е расположена да одговара.

    На првите две средби с0 медиумите во 2021, Арсовска кажа дека во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов се трошеле буџетски пари за ручеци во кафеани. Тогаш велеше дека додека таа е на градоначалничката функција, пари на Градот нема да се трошат за ручеци и прослави во кафеани.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира