ДЕМОНСТРАНТИТЕ ПРОТИВ ПОСКАПУВАЊЕТО НА СТРУЈАТА ФРЛАА ПАРИ ПЕЧАТЕНИ НА ХАРТИЈА ВО ДВОРОТ НА ЕВН ВО ТЕТОВО

    ДЕМОНСТРАНТИТЕ ПРОТИВ ПОСКАПУВАЊЕТО НА СТРУЈАТА ФРЛАА ПАРИ ПЕЧАТЕНИ НА ХАРТИЈА ВО ДВОРОТ НА ЕВН ВО ТЕТОВОПротестот започна на градскиот плоштад, а потоа околу 2.000 демонстранти во поворка се упатија кон седиштето на ЕВН во Тетово на периферијата од градот. (Фото: СДК.МК)

    Движењето „Доста е“ по пети пат во Тетово вечерва одржа протестен собир против поскапувањето на електричната енергија. Протестот започна на градскиот плоштад, а потоа околу 2.000 демонстранти  во поворка се упатија кон седиштето на ЕВН во Тетово на периферијата од градот.

    „Сакаме уште еднаш да ја пренесеме пораката дека луѓето се незадоволни и гневни од поскапувањето на струјата и од односот на надлежните кон барањата што произлегуваат од протестот. Очекуваме од наредната недела да го интензивираме притисокот кон политичарите и Собранието и ќе бараме од сите 120 пратеници од Народното собрание да работат на решавање на проблемот што е создаден од Регулаторната комисија и од енергетските компании. Нашите барања остануваат исти и ние до крај ќе се бориме тие да се исполнат“, изјави Аријанид Џафери, еден од организаторите на протестот.

    Двајца нивни претставници добија дозвола да дојдат до капијата на ЕВН каде од две торби почнаа да фрлаат на хартија печатени евра и долари. (Фото: СДК.МК)

    Протесната поворка од градскиот плоштад се движеше по главната улица се до пунктот на ЕВН, каде пред демонстрантите беа дочекани од троен кордон полицајци кои не им дозволија да дојдат до капијата на ЕВН. Демонстрантите поседнаа на улицата и со запалени светилки од мобилните телефони и со извикувања пароли против ЕВН го продолжија протестот. Двајца нивни претставници добија дозвола да дојдат до капијата на ЕВН каде од две торби почнаа да фрлаат на хартија печатени евра и долари.

    „Бидејќи сакаат многу пари и бидејќи сакаат да крадат од народот, донесовме две вреќи со пари и ќе им ги испразниме па можеби ќе се заситат“, рекоа демонстрантите.

    Протестот пред седиштето на ЕВН траеше половина час и, како и досега, малку се водеше сметка за запазување на мерките за спречување зараза од ковид-19, воопшто не се држеше дистанца помеѓу учесниците, а многимина не носеа заштитни маски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира