Пешачката и велосипедската патека под мостот „Гоце Делчев“ со месеци се узурпираат за паркирање. На само чекор од катната гаража „Солунски конгрес“ од 5,5 милиони евра, на патеките се паркира бесплатно, на диво. Има рампа која ја контролираат градежниците од околните градилишта, но најчесто е отворена, па под мостот може секој да влезе и да паркира. Коли има безмалку до реката Вардар, а на неколку места се поштедени само жардиниерите во кои има засадено ново цвеќе.
Од Град Скопје велат дека додека не завршат градежните активности во околината, нема да преземаат мерки за заштита на просторот од паркирање.
„На делови од кејот во централното градско подрачје сѐ уште се изведуваат градежни активности и важат посебни сообраќајни режими исклучиво поврзани со движењето на градежните возила. Секое непочитувње на поставениот режим треба да се санкционира од страна на сообраќајната полиција. По завршувањето на градежните работи, Град Скопје ќе постави нова сообраќајна регулација, при што нема да се овозможува непрописно користење на велосипедските патеки, а патеките ќе бидат дооформени и вклопени во целиот систем долж левата и десната страна на кејот на реката Вардар“, велат од Град Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека нивни службеници постојано се на терен и казнуваат за непрописно паркирање.
„Полицијата прави редовни контроли. Кога има потреба возилата се креваат и со пајак“, велат од МВР и појаснуваат дека немаат број на пишани казни за непрописно паркирани возила под мостот „Гоце Делчев“ бидејќи не се води евиденција за секоја локација поединечно.
Казната за паркирање на велосипедска патека е 40 евра или 25 казнени поени, а за паркирање на пешачка патека е 150 евра или 35 казнени поени.
И покрај високите казни, пешачката и велосипедската патека се полни со возила, а катната гаража е празна.
Гаражата „Солунски конгрес“ беше пуштена во употреба на 8 септември, 2014 година лично од тогашниот премиер Никола Груевски, како прва автоматизирана катна гаража, а за изградбата беа потрошени 5,5 милиони евра. Со неа стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.