ДО РЕСТОРАНОТ „АПОЛОНИЈА“ ВО СТРУГА НИКНУВА НОВA ДИВОГРАДБА, И ПОКРАЈ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ПОСТАВЕНИ СЕ БЕТОНСКА ПЛОЧА И МЕТАЛНА КОНСТРУКЦИЈА

    ДО РЕСТОРАНОТ „АПОЛОНИЈА“ ВО СТРУГА НИКНУВА НОВA ДИВОГРАДБА, И ПОКРАЈ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ПОСТАВЕНИ СЕ БЕТОНСКА ПЛОЧА И МЕТАЛНА КОНСТРУКЦИЈАГрадежни инспектори и инспектори за заштита на животната средина дале забрана за понатамошни градежни зафати, но лицето самоволно ја тргна лентата и продолжи со изградбата.(Фото: СДК.МК)

    На самото крајбрежје во Струга, на само 20 метри од Охридското Езеро, во близина на изградениот угостителски објект „Аполонија“, никнува нов објект, и покрај тоа што против сторителот е поднесена кривична пријава за узурпација и бесправно градење. Него не го спречија ниту реакциите во јавноста додека се тампонираше местото.

    „Градежни инспектори и инспектори за заштита на животната средина дале забрана за понатамошни градежни зафати, но лицето самоволно ја тргна лентата и продолжи со изградбата, поставувајќи бетонска плоча и метална конструкција“, вели изворот кој сака да остане анонимен.

    Како и во случајот со „Аполонија“, и за овој објект било поднесено барање за градење како за објект за спортска намена. Земјиштето на кое се одвиваат активностите е државно, нема детален урбанистички план (ДУП), а граѓаните стравуваат дека ќе никне уште еден ресторан.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Јавното обвинителство дали е поднесена кривична пријава за сторителот и дали е постапено по истата. Како и зошто и по три години Обвинителството не постапило по кривична пријава до ОЈО Струга за познат сторител, поднесена на 12.04.2021 од Државниот инспекторат за животна средина за истата локација и колку предмети има во Обвинителството за узурпација на државно земјиште на крајбрежјето во Струга?

    Оттаму одговорија дека обвинение по кривичната пријава од пред три години е поднесено една година подоцна, а за узурпација на струшкото крајбрежје само минатата година имало неколку обвиненија.

    „Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Државниот инспекторат за животна средина од 12.04.2021, ОЈО Струга има поднесено обвинителен акт против четири лица за кривични дела Узурпација на недвижности од член 225, став 1 од КЗ и Загадување на животната средина и природата од член 218, став 1 од КЗ. Обвинението е поднесено на 09.03.2022, а судската постапка е во тек во Основниот суд во Струга. Само минатата година ОЈО Струга има поднесено неколку обвиненија за извршени узурпации на струшкото крајбрежје, а дел од постапките се во тек. На крајбрежјето редовно се вршат контроли и се постапува по наодите“, велат од Обвинителството.

    Граѓаните на Струга, пак, немаат впечаток дека Обвинителството и судот се ажурни кога станува збор за заштитата на крајбрежјето. Велат дека доколку сторителите се казнуваат, нема секојдневно да гледаат како се тампонира земјиштето и како никнуваат бетонски плочи и метални конструкции. Стружани реагираат дека ова не е единствената локација на брегот на езерото која се уништува. Велат дека се тампонира државно земјиште и на други места на потегот кон Калишта.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира