ДОЈРАН НА РЕФЕРЕНДУМ ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВА ДАЛИ САКА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЗА ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА

    ДОЈРАН НА РЕФЕРЕНДУМ ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВА ДАЛИ САКА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЗА ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈАДојран и населените места во Општината не се целосно покриени со водовод и канализација и тоа беше поентата на издавање на овие услуги под концесија за наредните 30 години, вели градоначалникот Анго Ангов (Фото: СДК.МК)

    Општина Дојран планира да потпише договор за јавно-приватно партнерство за комуналните услуги водовод и канализација, но пред тоа ќе организира референдум, за да го слушне гласот на граѓаните. Референдумот ќе биде на 2 февруари, кога жителите ќе се изјаснат дали се за или против да се формира јавно-приватно претпријатие чија задача ќе биде да ја покрие Општината со квалитетно водоснабдување и канализациони мрежи и да стопанисува со овие комунални услуги, бидејќи сегашното јавно-комунално претпријатие „Полин“ нема капацитет и има долгови од околу половина милион евра.

    „Имаме намера да склучиме таков договор, но сакаме да го слушнеме мислењето на дојранци. Дојран, па и населените места во Општината не се целосно покриени со водовод и канализација и тоа беше поентата на издавање на овие услуги под концесија за наредните 30 години“, ни изјави градоначалникот на Дојран Анго Ангов, кој на тој начин гледа и заштита на Дојранското Езеро.

    Како Општина, веќе се почнати средби со граѓаните за да се претстави идејата и да се презентираат придобивките од можното склучување на ваков договор, од кој придобивки ќе има и Општината, бидејќи ќе биде партнер во новото комунално претпријатие, но и граѓаните, зашто ќе добијат нова водоснабдителна и канализациона мрежа со пречистителни станици.

    „Ова не значи продажба на ЈП ‘Комуналец – Полин‘. Тие ќе продолжат со собирање на отпад и со одржување на јавните зелени површини. Сакам да нагласам дека и цената на водата за пиење нема да ја утврдува приватниот партнер, бидејќи рамката ја дава Регулаторна, а ја потврдува Советот, што значи дека ние ја имаме контролата над цената. Во првите три години, приватниот партнер, кој и да е, ќе инвестира околу 8,1 милион евра во подобрување на водоводната и канализационата мрежа во Нов и Стар Дојран и во населените места Црничани, Фурка и Николиќ“, вели Ангов, кој тврди дека приватниот партнер нема да произведува амбалажирана вода, бидејќи во договорот има клаузула за таква забрана.

    Ако референдумот биде успешен и позитивен, Дојран ќе ја продолжи постапката за формирање на ново комунално претпријатие по пат на јавно-приватно партнерство за водовод и канализација. Во Дојран, право на глас за престојниот референдм имаат околу 2.750 граѓани, кои ќе се изјаснуваат на осум гласачки места

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира