ДОЛГОТ НА ОПШТИНАТА Е НАМАЛЕН, НО УШТЕ ТРЕБА ДА ПЛАЌАМЕ МИЛИОНСКИ СУМИ ЗА ПАУШАЛИ НА СОВЕТНИЦИТЕ ОД ПРЕТХОДНИОТ СОСТАВ, РЕЧЕ КАСАМИ

    ДОЛГОТ НА ОПШТИНАТА Е НАМАЛЕН, НО УШТЕ ТРЕБА ДА ПЛАЌАМЕ МИЛИОНСКИ СУМИ ЗА ПАУШАЛИ НА СОВЕТНИЦИТЕ ОД ПРЕТХОДНИОТ СОСТАВ, РЕЧЕ КАСАМИСпоред Касами, меѓу најголемите ставки по кои Општината должела пари се една незаконска експропријација по која извршителите зеле над милион евра. (Фото: СДК.МК)

    Долгот на Општина Тетово е намален за околу 5,6 милиони евра, кажа денеска градоначалникот Билал Касами. Според него ова е резултат на совесното работење на оваа општинска власт која како што рече Касами ги исплаќа и долговите од претходното раководство од ДУИ.

    „Долгот на Општината за овие две години е намален од 14 милиони на 8 милиони евра. Од овие 5,6 милиони евра, колку што е намален долгот, 4 милиони се платени преку обврзницата која ја има емитувано Општината, а околу 2 милиони евра долг се исплатени преку извршители. Тоа се долгови кои порано ги имала Општината кон други доверители, а кои доспеале за наплата која присилно е извршена од страна на извршители. Ние во периодот кога сме на власт сме создале дополнителни обврски, но сите тие обврски целосно сме ги сервисирале со пари прибрани од општинските даноци и други такси, како и со намалување на непотребните трошоци“, изјави Касами.

    Според Касами, меѓу најголемите ставки по кои Општината должела пари се една незаконска експропријација по која извршителите зеле над милион евра. Исто така, тој ги наведе и големиот број договори за дело кои ги склучила претходната власт, а по кој основ од Општината ѝ се одземени над еден милион евра.

    Овие два договори ги направила претходната власт на Општината, посочи Касами, и наведе дека поголемиот дел од преостанатиот неплатен долг на Општината исто така е последица на несовесно работење на претходната власт.

    „Преостанатиот долг на Општина Тетово изнесува нешто над 8 милиони евра. Поголем дел од листата на долгови за извршување се кон советници од претходните состави на Советот на Општината и кон пожарникарите. Тоа е смешно. Претходната власт на советниците и на претседателот на Советот, кој беше од ДУИ, не им го исплаќала надоместокот кој им следувал како советници и сега сите советници од претходниот состав преку извршители имаат доставено барање до Општина Тетово за наплата не само на долгот туку и камата и плус такса за извршување. Тогашната власт не ги реализирала ниту обврските кон пожарникарите кои законски им следувале, па и тие своите побарувања ги пратиле на извршување“, појасни Касами.

    Касами потенцира дека намалувањето на долгот се однесува само за долгот на Општината, но не и за долговите кои ги имаат jавните претпријатија од Општината, а кои исто така се големи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира