ДОНЕСОВМЕ И ОДЛУКА ИНСПЕКТОРИТЕ КЛЕТВА ДА НЕ ГИ ФАЌА, ОТИ МНОГУ ГИ КОЛНАТ ПРИ ВРШЕЊЕТО НА РАБОТАТА, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО ТЕТОВО НА ОТВОРАЊЕТО НОВ ОБЈЕКТ НА ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ

    ДОНЕСОВМЕ И ОДЛУКА ИНСПЕКТОРИТЕ КЛЕТВА ДА НЕ ГИ ФАЌА, ОТИ МНОГУ ГИ КОЛНАТ ПРИ ВРШЕЊЕТО НА РАБОТАТА, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО ТЕТОВО НА ОТВОРАЊЕТО НОВ ОБЈЕКТ НА ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТПремиерот Заев во Тетово го пушти во употреба реновираниот објект на Државниот пазарен инспекторат. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев денеска беше во работна посета на Тетово каде, заедно со министерот за економија Кресник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Стојко Пауновски, го пушти во употреба реновираниот државен објект во кој сега е сместен Инспекторатот. Тој најави дека и за време на новогодишните празници испекциските служби ќе работат со несмален капацитет.

    „За време на новогодишната ноќ и сите празници државната пазарна инспекција ќе работи. Имаме обезбедено подобри услови, но на инспекција ѝ имаме дадено дополнителни надлежности, како што се затварање на објекти, поднесување кривични пријави. Само така можеме да се избориме со ковид кризата и ширењето на заразата. Денеска можам да кажам дека ако пред еден месец имавме фактор на проширување на заразата 1,5,  пред две недели беше 1,05, минатата недела беше 0.92 а сега е 0,8. Ова кажува дека мерките даваат резултати и ќе даваат ако избегнеме трет пик, а тоа е можно да се случи за празниците“, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.

    Кога зборуваше за успешната работа на инспекторите во изминатиов период тој рече „Донесовме и одлука инспекторите клетва да не ги фаќа, оти многу ги колнат при вршењето на работата“, и кажа дека тоа е само предновогодишна шега.

    Премиерот Заев зборуваше и за доставените нови предлози од опозицијата во врска со престојниот попис.

    „Една година и пол, колку разговараме за пописот, опозицијата е врадена во самиот Закон. Во поново време, опозицијата даде нов предлог да користиме апарати за отпечатоци од прстите. Јас не знам како граѓаните кои се иселени ќе ги користат апаратите за отпечатоци од прстите. Но, правиме напори и министерот за правда веднаш стапи во контакт со донатори за да видиме дали можеме да обезбедиме донации за ова. Има амбасади кои обезбедуваат 20 милиони евра за поддршка на избори во државата, па замолуваме да одделат 5 милиони евра за да купиме 5.000 фингерпринти, кои ќе ги користиме за изборите ама ќе помогнат и за пописот. Правиме напори, сакаме да ѝ учиниме на опозицијата, макар тие да се користат за граѓаните што се тука. Ако треба државата за ова да обезбеди пари на донесен буџет, тоа не можеме да го обезбедиме. Само со донација можеме ова да го обезбедиме и да може опозицијата да биде спокојна. Но, ако опозицијата одбие да даде согласност, па и ако власта одбие да даде согласност, пописот ќе се реализира“ рече Заев.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира