ДРВОРЕДИ ЗА НОВИТЕ БУЛЕВАРИ И ПАРКОВИ СО ЕСЕНСКАТА АКЦИЈА ЗА ЗАЗЕЛЕНУВАЊЕ НА СКОПЈЕ, НАЈАВУВААТ ОД „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“

    ДРВОРЕДИ ЗА НОВИТЕ БУЛЕВАРИ И ПАРКОВИ СО ЕСЕНСКАТА АКЦИЈА ЗА ЗАЗЕЛЕНУВАЊЕ НА СКОПЈЕ, НАЈАВУВААТ ОД „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“Во парк ќе биде претворен и просторот кај амбасадата на САД на реновираната Пластичарска улица, кој беше целосно запуштен. (Фото: СДК.МК)

    Кон почетокот на ноември Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ ќе ја спроведат есенската акција за садење нови дрвја низ градот. Поради пандемијата на ковид-19 годинава пролетната акција за зазеленување на градот беше откажана. Тендерот за набавка на висококвалитетни садници е во тек и како што објаснуваат од ЈП „Паркови и зеленило“ предвидено е нови дрвја да се засадат во новите паркови кои беа подигнати годинава, како и долж новите и реконструираните булевари и улици.

    „Дивите депонии во Аеродром кај Железничката станица и во Кисела Вода кои беа исчистени и каде посадивме трева, сега ќе ги претвориме во паркови. Ќе се засадат зимзелени и листопадни дрва, како и украсни сандаци. Во парк ќе биде претворен и просторот кај амбасадата на САД на реновираната Пластичарска улица, кој беше целосно запуштен. Дрвореди ќе се подигнат и долж новиот булевар Христијан Тодоровски-Карпош и тоа во средишното зеленило и од двете страни покрај пешачките патеки, како и на булеварите Босна и Херцеговина и АСНОМ. Со украсно зеленило ќе се уреди и крстосницата детелинка на Бит пазар, каде исто така насадивме трева и овој дел од градот доби сосема поинаков лик“, вели директорот за ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.

    Листопадни и зимзелени дрва ќе се засадат низ сите скопски општини и во веќе уредени паркови и долж булеварите.

    Вредноста на тендерот за набавка на садници изнесува 50 милиони денари.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира