ДУХОТ НА РАДИО БИТОЛА ЖИВЕЕ, ДУРИ И БЕЗ ДА ЕМИТУВА ПРОГРАМА

    ДУХОТ НА РАДИО БИТОЛА ЖИВЕЕ, ДУРИ И БЕЗ ДА ЕМИТУВА ПРОГРАМАНовинарот Петар Ставрев го направил последното интервју со Милтон Манаки, на 2 недели пред смртта, а било емитувано во 1964 година на програмата на Радио Битола. За среќа, иако радиото не постои 7 години, поранешен вработен ја зачувал магнетофонската лента на која е снимено интервјуто (Фото: СДК.МК)

    Ако продолжеше да емитува програма, вчера  ќе славеше 67 години постоење во македонскиот медиумски простор. Радио Битола, најстарото јавно локално радио во државата, не работи веќе седум години, но неговиот дух не умира. Како секоја година, така и оваа некогашните вработени се собраа заедно да ја прослават годишнината од неговото раѓање. Каде и да се наоѓаат некогашните вработени од радиото, што и да работат, на денот на роденденот се враќаат во Битола да ги споделат убавите спомени со колегите. Така се собраа и годинава  пензионирани и помлади новинари, водители, техничари и друг персонал кои никогаш не заборавија од кој медиум потекнуваат.

    „Радиото беше основано во 1950 година. Работејќи во него професионално се изградија и издигнаа многу познати новинарски имиња од Битола. Во минатото во живо се емитуваше музика на оркестри, настапуваа најпознатите музички имиња во градот. Нашата програма се слушаше до Шведска и Норвешка, дури од таму добивавме писма од слушатели“, вели Данка Јанковска која долги години работеше како новинар од Радио Битола.

    Секој 27 март, каде и да се наоѓаат некогашните вработени од радиото, што и да работат, се враќаат во Битола да го прослават роденденот и да ги споделат убавите спомени со колегите; – вчера прославија 67 години (Фото: СДК.МК)

    Не постои битолчанец, па и слушатели од поширокиот регион, кој не ја памети најавата „зборува Радио Битола на бранова должина од 226,7 метри„, а подоцна и на “ултра кратки бранови од 102.6 MHz”. Според раскажувањето на дел од новинарите, фреквенцијата била толку јака што слушатели имале дури и од  Титовиот брод „Галеб“ некаде на Јадранското Море.

    „Ова радио беше многу важно не само за домашните слушатели, туку и за Македонците во егејскиот дел и во Албанија. Радио Битола се слушаше и таму и беше многу важна за нашинците, зашто слушаа програма на македонски јазик и наши песни“, вели Јанковска.

    За жал, поради неуспешната приватизација Радио Битола пред седум години престана да емитува програма. Истото се се случи со сите 29 јавни локални радиостаници кое не успеаја да се приватизираат и згаснаа. Битолските новинари и техничкиот кадар дури три години одеа на работа без плата во надеж дека ќе се најде начин и помош да преживее радиото. Но, опкружувањето, локалната и државаната власт не покажаа слух.

    До денес зачувани се 600 плочи од некогашната дискографска ризници на Радио Битола. Покрај грамофонскиот фонд, во Историскиот архив е зачуван и дел од фонотеката на Радио Битола, која содржи популарни емисии што се емитувале, џинглови, песни, дел испеани и од битолскиот песнопоец Ајри Деморовски. За жал, во шеесетите години од минатиот век биле уништени ленти од радиото, со што во неврат отидоа оригинални снимки  од битолски чалгии.

    За среќа, поранешен вработен од радиото ја зачувал магнетофонската лента на која е снимено последното интервју од Милтон Манаки, на петнаесетина дена пред неговата смрт, во кое зборувал за животот и творештвото. Интервјуто го направил новинарот Петар Ставрев, а било емитувано во 1964 година на програмата на Радио Битола.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира