ДУРАКИ ЗА 10 ГОДИНИ КАКО ГРАДОНАЧАЛНИК И МИНИСТЕР НЕ ЈА РЕШИ ДЕПОНИЈАТА СО ЈАЛОВИНА ВО БЛИЗИНА НА УЧИЛИШТЕ ВО ЛИПКОВО, КАЖАА НА ЕКОЛОШКА ТРИБИНА ВО ВЕЛЕС

    ДУРАКИ ЗА 10 ГОДИНИ КАКО ГРАДОНАЧАЛНИК И МИНИСТЕР НЕ ЈА РЕШИ ДЕПОНИЈАТА СО ЈАЛОВИНА ВО БЛИЗИНА НА УЧИЛИШТЕ ВО ЛИПКОВО, КАЖАА НА ЕКОЛОШКА ТРИБИНА ВО ВЕЛЕСПо Велешко, Пробиштип е број два по загадување на почва и храна во Македонија, вели професорот Стафилов (Фото: СДК.МК)

    Иако градоначалник на Липково во два мандата, а потоа и министер за животна средина, Садула Дураки за десет години ништо не презел за отстранување на опасната депонија со флотациона јаловина, лоцирана во близина на училиште во оваа општина. Овој пример го посочи д-р Трајче Стафилов, професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на еколошка трибина во Велес.

    „Во Липково од 1979 година има голема депонија со флотациона јаловина, со присуство на арсен и антимон од по два процента, како и депонија од 15.000 тони со чист арсен сулфид. Сите подземни води таму се загадени, исто и храната, воздухот. На 150 метри од депонијата има основно училиште со 400 ученици. Досегашниот министер Садула Дураки во два мандата беше градоначалник на Општина Липково. Има физибилити студија изготвена во 2007 од УНДП со решенија и ништо не е направено“, рече Стафилов.

    На заминување од министерска позиција, Дураки се пофали дека „спровел многу мали и големи проекти кои ќе остават траен позитивен белег во зачувувањето и унапредувањето на животната средина“.

    Професорот Стафилов на трибината зборуваше и за жешките екоточки во земјава кои се големи загадувачи, но ништо не е преземено за нивно решавање.

    „Околу Пробиштип има пет депонии со 40 милиони тони јаловина. Градот лежи на една од нив, од неколку милиони тони. На следната сега се градат куќи, а до неа е гола депонија, не расте ништо, со присуство на тешките метали олово и кадмиум. Подрачјето од 100 квадратни километри има олово 34 мг/кг и почвата е извонредно загадена. Храната која се одгледува по Злетовска Река има високо загадување со олово и кадмиум“, кажа Стафилов.

    Потенцираше дека по Велешко, Пробиштип е број два по загадување на почва и храна во Македонија. Се осврна и на „Југохром“, каде имало депонија од производството на ферохром напуштена во 1993, тешка два милиона тони.

    „Подземните води се контаминирани до 50 метри длабочина, а докажана е врската на тие подземни води со изворот Рашче“, предупреди Стафилов.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари