Двајца пожарникари од станицата на Бит пазар се позитивни на КОВИД-19, а четворица се во изолација поради контакти со нив. Командантот на Бригадата за противпожарна заштита Владимир Симоновски вели дека од почетокот на вирусот се до сега немале ниту еден позитивен случај и двајцата кои сега се позитивни, вирусот го добиле надвор од работното место.
„Прв позитивен пожарникар имавме на 17 јуни и поради контакти со него четворица беа во изолација. Сега тие се вратени на работа, а првиот случај го чека вториот негативен тест. Од пред 4 дена имаме уште еден нов случај и исто така 4 од неговата екипа се во изолација. Значи во моментов поради изолација или КОВИД-19 на работа не се 6 пожарникари“, вели Симоновски.
Тој вели дека отсуството на пожарникарите не се одразува на работата и навремено се стигнува на секоја интервенција.
„За среќа во овој период откако почна коронавирусот немаме многу пожари. Од првиот ден до сега се почитуваат сите протоколи на заштита“, вели Симоновски.
А. АНТЕВСКА