Професорката Ајрета Велију доби уште една правна битка. Основниот суд во Тетово, поради неизвршување судска одлука, ја казни директорката на Општинското средно економско училиште „8 Септември“ Рамије Куртиши и ѝ изрече казна затвор во траење од 6 месеци, која казна нема да се изврши доколку обвинетата во време од 2 години не стори ново кривично дело. Поради истото дело, „неспроведување на судска одлука“, казнето е и средното економско училиште „8 Септември“, каде Куртиши беше директорка, па училиштето ќе треба да плати казна од 150.000 денари.
„Да, судот ја осуди директорката, се покажа дека јас сум била во право, но морам да кажам дека не сум задоволна од изречената казна врз директорката. Всушност, може слободно да се каже дека таа се спаси од казната. Осудена е на условна казна од 2 години, а ќе биде казнета ако го повтори делото. Таа сега заминува во пензија и според тоа нема шанси да стори исто вакво дело и со тоа се спаси од затвор за делото што го направи врз мене. Во наредниве неколку денови, додека трае рокот за приговор, останува да размислам дали ќе ја продолжам постапката понатаму. Таа мене ми одзеде 5 години од мојот живот. Исто така, не сум задоволна што засега нема ништо од моето побарување материјално да ми се надомести периодот од 5 години кога не сум земала плата. Сепак, за мене многу е важно што судот конечно утврди дека јас сум била во право и дека директорката, во мојот случај, се однесувала самоволно“, ни изјави Арјета Велију.
- ПО ПЕТ ГОДИНИ ВЛЕЧЕЊЕ ПО СУДОВИ ПРОФЕСОРКАТА АРЈЕТА ВЕЛИЈУ СЕ ВРАТИ НА РАБОТА
- ДИРЕКТОРКАТА НА ЕКОНОМСКО УЧИЛИШТЕ ВО ТЕТОВО НЕ ПОЧИТУВА ОДЛУКА НА ВРХОВНИОТ СУД И НЕ ЈА ВРАЌА ОТПУШТЕНАТА ПРОФЕСОРКА НА РАБОТА
Во 2013 година, Арјета со договор работела во ОСЕУ „8 Септември“ каде предавала предмети од економијата. На конкурсот кој таа година бил објавен за прием на професори на неопределено време, конкурирала и Арјета како и други 11 професори. Иако само таа целосно ги исполнувала условите за прием, од страна на директорката Куртиши била одбиена.
Од тогаш започнува нејзината 5-годишна борба за правдата по судските лавиринти. Нејзината жалба дошла и до Врховниот суд каде била прифатена и одлучено таа да се врати на нејзиното работно место, но директорката Куртиши цела една година не ја спроведувала одлуката на Врховниот суд. Кога нејзината сторија излезе во медиумите, интервенираше и министерот за образование па Арјета конечно беше вратена во училиштето каде сега работи на неопределено време.
Неодамна на местото на директорката Рамие Куртиши назначен е нов директор на училиштето, а Куртиши, според неофицијални информации, веќе не одела на работа и прибирала документи за пензија.
З. АНДОНОВ