Екипите на Итната помош во Велес лани имале 31.176 интервенции што е за 2.311 повеќе од претходната година. Од вкупниот број, 19.648 биле во амбуланта, од нив 12.820 дневна смена и 6.828 во ноќна. Додека прегледи на терен имало 11.528, од нив преку ден 9.268, а ноќе 2.260.
„Зголемениот обем на работа во амбуланта се должи на неработењето на матичните доктори преку викенд, ноќна смена. На терен голем број села немаат доктори па мораме да интервенираме. Имаме голема територија, пациентите бараат здравствена заштита и ни се обраќаат нам и ние сме единствено место каде може да се обратат“, кажа д-р Славица Нешова-Пановски, од службата за Итна помош при Здравствен дом Велес.
Податоците покажуваат пораст за една година на прегледите во амбуланта за 2.511, додека на терен има опаѓање од 166 прегледи. Теренските бројки се однесуваат на населените места од поширокиот Велешки Регион, во кои влегуваат и соседните општини Чашка и Градско, кога екипите по потреба патуваат и до час и повеќе оддалечените села Ореше или Подлес.
„За разлика од претходните години лани работевме осум екипи, а сме имале и по 16 претходните години. Тоа претставува тешкотија во работата и за докторите и за здравствениот персонал“, додаде д-р Нешова-Пановски.
Минатата година имало и поголем број здравствени услуги во амбуланта, повеќе од прегледи на докторите. Преврски, давање инјекции во 2023 имало 36.534, од нив 20.590 во амбуланта, а 15.994 на терен, каде се и домашни посети на изнемоштени, неподвижни и стари лица кои примаат ампуларна терапија.
Во 2023 година е забележано значително зголемување на бројот на повредени во сообраќајни несреќи на територијата на Велешко, во која спаѓа и делницата на автопатот од Катланово до локалитетот Стоби. Имало 130 повредени наспроти 107 во 2022 година. Во овие сообраќајки имало и 5 загинати.
П. ПЕЧКОВ