Еден месец по невремето кое на 19 јули го зафати Скопје, низ градот уште има паднати дрвја. Тие не се расчистени туку стојат откорнати и паднати. На некои локации дрвјата се исечени на парчиња, но не се тргнати.
Во Општина Карпош ,каде имаше најголеми штети од невремето, сè уште на повеќе локации стојат паднати дрвја. Паднати дрвја има и во парковите во Општина Аеродром, во Паркот на новинарите во Општина Центар, како и во Градскиот парк.
Од Град Скопје велат дека најголемиот дел од паднатите дрвја на територијата на Градот, односно 278, се отстранети и транспортирани. Општините имаат обврска да ги отстранат дрвјата од парковите и улиците кои се под нивна надлежност.
„Во Градскиот парк работите продолжуваат интензивно и темелно, имајќи предвид дека невремето предизвика значителни оштетувања. На оваа локација активностите се одвиваат по фази, со цел просторот целосно да се расчисти и санира и повторно да биде во функција во најдобра состојба. Во однос на паркот кај ‘Нова Македонија‘, односно Паркот на новинарите, надлежна е Општина Центар. Сепак, имајќи ја предвид потребата од итна интервенција, екипите на Град Скопје постапија на локацијата и презедоа активности за расчистување. Градот Скопје продолжува со координирани активности со општините, со цел преостанатите локации што е можно побрзо да бидат расчистени и санирани, а последиците од невремето целосно да бидат отстранети“, велат од Град Скопје.
Од Градот велат дека дел од собраната дрвна маса се преработува и ќе биде искористена за изработка на моторички паркови за деца, огради, летниковци и друга урбана опрема.
Од Општина Карпош каде има најмногу паднати дрвја не добивме одговор на прашањата зошто голем дел локации уште не се расчистени.
А. АНТЕВСКА




