ЕДИНСТВЕНАТА СТАНИЦА ЗА МЕРЕЊЕ НА ЗАГАДЕНОСТА НА ВОЗДУХОТ ВО ТЕТОВО Е ДО КОТЛАРНИЦА КАДЕ СЕ СОГОРУВА НАФТА

    ЕДИНСТВЕНАТА СТАНИЦА ЗА МЕРЕЊЕ НА ЗАГАДЕНОСТА НА ВОЗДУХОТ ВО ТЕТОВО Е ДО КОТЛАРНИЦА КАДЕ СЕ СОГОРУВА НАФТАСпоред загаденоста со ПМ2,5 честички Тетово е на првото место, а следат Куманово, Скопје и Битола. (Фото: СДК.МК)

    Во Тетово има само една станица за мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух и таа веќе неколку години се наоѓа во дворот на Основното училиште „Кирил и Методиј“ во јужниот дел од градот. Кога во дворот на училиштето почна да се гради градинка на местото каде дотогаш се наоѓаше котларницата за парното греење за училиштето, котларницата беше дислоцирана и сега е поставена на само неколку метри до мерната станица.

    Поради ова се доведува во прашање точноста на податоците кои ги дава станицата, бидејќи таа сега не ги задоволува основните критериуми за нејзината локација.

    „Критична точка за поставување на една мерна станица за мониторинг на амбиенталниот воздух е токму нејзината локација, при што треба да се исполнат неколку критериуми. Според светските, а и нашите стандарди, мерната станица треба да биде оддалечена од работ на тротоарот најмалку 10 метри, а од најблиската крстосница најмалку 25 метри. Мерните инструменти треба да бидат поставени во зона на дишење, значи од 1,5 метри до 4 метри во височина, а во некои случаи и до 8 метри. И најбитното, во близина не смее да има друг извор на загадување. Дел од овие параметри во случајот со тетовската мерна станица не се запазени, бидејќи во нејзина непосредна близина има големо градилиште, а само не неколку метри до неа има котларница, а тоа е недопустливо. Токму поради ова, мое лично мислење е дека треба да се почне законска процедура за промена на локацијата автоматската станица за мониторинг на амбиенталниот воздух во Тетово“, вели д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово.

    Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека засега не планираат да ја дислоцираат мерната станица. Според нив, податоците кои ги дава станицата се меродавни и покрај тоа што таа се наоѓа во непосредна близина на котларницата која за затоплување користи нафта.

    „Министерството за животна средина и просторно планирање нема во план да ја дислоцира автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух која е поставенa во дворот на ОУ ‘Кирил и Методиј’ во Тетово. Станицата веќе еднаш во 2013 година беше дислоцирана од првобитната локација во дворот на гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ’. Сегашната локација на станицата во Тетово е сé уште релевантна и покрај изградбата на новиот објект (котларницата) во непосредна близина, која инаку претходно беше стотина метри подалеку исто така во дворот на училиштето. Котларницата е поставена пред извесно време (приближно две години), без никаква најава од страна на тој што ја изградил. И покрај близината на овој извор на загадување, мониторинг станицата обезбедува релевантни податоци, како од загадувањето кое доаѓа од сообраќајот, така и од загадувањето кое доаѓа од загревањето како на јавни објекти така и од приватни домови“, велат од  Министерството.

    Според извештајот од февруари оваа година на непрофитната организација „Бенквоч нетворк“, која го следи загадувањето на амбиенталниот воздух во градовите од Западен Балкан, Тетово е трет по ред град со најзагаден воздух со ПМ10 честички во Македонија. На прво место е Кавадарци, потоа следи Кичево, Скопје е на четврто, а Велес е на петто место. Наспроти ова, според загаденоста со ПМ2,5 честички Тетово е на првото место по загаденост, а потоа следат Куманово, Скопје и Битола.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира