ЕДНО КУЧЕ МЕ ВЛЕЧЕШЕ, ДРУГО СКОКНА ВРЗ ТРИГОДИШНИОТ СИН, РАСКАЖУВА ЖЕНА КОЈА ЈА НАПАДНАА КУЧИЊА ВО СКОПСКАТА НАСЕЛБА ХРОМ

    ЕДНО КУЧЕ МЕ ВЛЕЧЕШЕ, ДРУГО СКОКНА ВРЗ ТРИГОДИШНИОТ СИН, РАСКАЖУВА ЖЕНА КОЈА ЈА НАПАДНАА КУЧИЊА ВО СКОПСКАТА НАСЕЛБА ХРОМЖителите на населбата Хром бараат од Општина Ѓорче Петров и Град Скопје да се заловат уличните кучиња во населбата кои се агресивни. - Глутница кучиња на улица Македонија, кај спомен куќата на Мајка Tереза (Фото: М. Златевска)

    Кучиња вчера нападнале жена и нејзиното тригодишно дете во скопската населба Хром, потврди полицијата. Глутница кучиња околу 14 часот почнале да трчаат по мајката и детето, по што едно од нив скокнало врз мајката, а друго врз детето. За среќа, како што вели мајката М.Т., од куќите излегле луѓе и ги избркале кучињата па не добиле потешки физички повреди.

    „Околу 14 часот се движевме по улица и кучињата кои и друг пат имаат нападнато луѓе од населбата почнаа да трчаат и лаат по нас. Едното ме фати мене за панталони, кога тргнав да го земам в раце мојот тригодишен син другото го фати него и почна да го влече. Врескав и излегоа луѓе, ги избркаа кучињата и за среќа не добивме повреди. Да не реагираа луѓето толку бргу, сигурно ќе бевме искасани. Детето два дена не ми спие, уплашено е, не сака да излезе од дома“, вели М.Т.

    Таа веднаш повикала полиција, по што било констатирано дека едно од кучињата кое ја нападнало има сопственик, а другите се улични кучиња.

    „На сопственикот му е пишана казна. За уличните кучиња собираме потписи и ќе поднесеме барање до Општина Ѓорче Петров и Град Скопје, да преземат соодветни мерки. Не можеме децата да ги пуштиме да играат во паркот оти кучињата се агресивни и стравуваме дека можат да ги нападнат“, вели М.Т.

    Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека вчера две кучиња ја нападнале 34-годишната М.Т. и нејзиното малолетно дете во скопската населба Хром, по што биле преземени соодветни мерки.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира