Седум илјади жители на регионот на Азот во Општина Чашка се во патна изолација. Имаат сообраќајна врска само кон Велес, додека иако Прилеп им е преку планина, на само 40 км, до таму можат да стигнат само со воз, пат нема. Овој дел во срцето на Македонија е чист еколошки, нема фабрика, нема загадување, но нема начин како земјоделските прозводи да се пласираат на поширок пазар, бидејќи регионот не е поврзан со пат со Пелагонија. Поради тоа, жителите од Азот не се во можност нивните земјоделски производи да ги понудат на друг пазар освен велешкиот.
„Иако сме во центарот на Македонија ние сме слепо црево, можеме да патуваме само за и од Велес со автомобил. Азот е земјоделски регион, а се што ќе произведеме не можеме да го пласираме никаде на друго место освен во овој град. Имаме одлична еколошки здрава храна, произведена во подрачје каде нема ниту еден индустриски капацитет, нема загадување, истата е барана но што фајде кога поради транспортните трошоци не сме во можност да понудиме во западна Македонија, иако овој дел на земјава ни е најблизок“, велат жителите од Азот.
Есента 1994 започнаа градежни активности кај езерото Младост, се откупи земја, започна градба на пат преку планината Бабуна но бргу се запре и замре. За да стигнат до Брод, Кичево, Прилеп, Кавадарци жителите од Извор, Богомила, Чашка мораат да патуваат стотина километри плус, бидејќи мораат преку Велес. Можноста за асфалтирање на патот во должина од 10-тина км за Прилеп, кај селото Владиловци кој е пробиен од ЈП „Македонски шуми“ тие ја отфрлаат оти тој пат бил изграден за нивни потреби, не за комерцијални. За да стигнат на пазар во Прилеп и ги продаваат нивните земјоделски производи, теовски компир, богомилски грав, мед, по кои се познати, мораат да патуваат 50 км до Велес, а потоа плус 90 км до Прилеп, иако преку планината Јакупица и Бабуна до Прилеп се стигнува за половина час. Слично е и за Македонски Брод, Кичево до каде се патува со часови.
„Државата е должна да помогне, бидејќи колку само пари преку сечењето на дрвната маса од шумите на Азот има прибрано од нашиот регион. Од тие пари да одвојуваа, ќе се најдеше досега решение“, велат жителите на регионот на Азот.
При неодамнешата посета на Чашка, прашaн за изгpадба на пат до Прилеп, министерoт за транспoрт и врски Горан Сугарески кажа дека има идеен проект, но потребна е финансиска конструкција.
„Да не се лажеме, тоа е скап проект за кој има идејно решение. Меѓутоа, пред да ја донесеме конечната одлука овој проект мора целосно да се ревидира за да можеме да аплицираме за средства“, рече министерот Сугарески.
П. ПЕЧКОВ