Екологистите бараат итно решавање на проблемот со депонијата Буково каде долги години се депонира отпадот од Охридскиот регион. Оваа нестандардна депонија со децении го загадува воздухот и почвата, а густиот чад и неподносливата миризба од честите потпалувања, ги вознемирува жителите на околните села кои се жалат на малигни заболувања на белите дробови. Велат дека имало и починати лица.
Дваесетттина граѓански организации и пет месни заедници, организирани во граѓанската иницијатива „Збогум Буково“, бараат од Општина Охрид и општините од Југозападниот плански регион најитно да се договорат и да се вклучат во регионалниот систем за управување со отпад, да се надминат сите административни бариери и да се отвори регионалната депонија во Новаци, со цел да се заштити здравјето на над 50.000 граѓани на Општината. Тие исто така побараа да се покрие целото урбано и рурално подрачје со садови за целосна селекција на хартија, пластика, стакло и други корисни суровини кои би ја намалиле запаливоста на депонијата како и затворање и ремедијација на депонијата Буково од страна на искусни и докажани оператори во оваа област.
„Депонијата го труе целиот Охридски регион како и дел од селските средини во Ресен. Затоа сметаме дека во меѓувреме треба да се воведе систем за селекција на отпад, дали на органски, дали на хартија, стакло, пластика за целата теритирија на Општината за во меѓувреме да се најде решение со постепено затворање на депонијата која што за жал веќе претставува голема опасност за Охридскиот регион”, вели Ѓоко Зороски од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“.
Во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион е наведено дека депонијата Буково треба да биде затворена бидејќи истата претставува долгогодишен проблем и значително ја загадува животната средина.
Активностите за изградба на регионалната депонија во Новаци сè уште не се почнати, иако според најавите градбата требаше да биде готова до крајот на 2024 година, со што требаше да се затворат сите депонии во државата кои се нестандардни и не се во согласност со препораките на УНЕСКО.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, очекува активностите да започнат напролет, а депонијата да биде изградена за четири до пет години. Дотогаш., како што вели, депонијата Буково ќе се покрива со земја за да не се шири неподносливата миризба од чадот а од следната година ќе се огради, осветли и ќе се постави видеонадзор сѐ до нејзината трајна дислокација.
„Ако денеска го формираме регионалното јавно претпријатие тоа не значи дека почнува да функционира во истиот момент, затоа е потребно да се изградат и претоварните станици.Така да сметам дека 2025 година напролет е вистинско време ние како Општини да го почнеме и да го формираме регионалното јавно претпријатие, да го подигнеме и започнеме да го користиме грантот од Светска банка кој е веќе обезбеден за оваа работа и полека да се одвиваат работите и приспособувањето на теренот во самата Општина Новаци каде што е регионалата депонија, но и прочистителните станици онаму каде се планирани во нашиот регион”, вели Пецаков.
Паралелно со овој процес беше најавено дека ќе се воспостави и процес на предселекција на отпадот. Граѓаните ќе мора да вршат селекција со што ќе се намалат количините кои финално се носат на депониите, набавка на нови контејнери за предселекција како и подигнување на јавната свест за примена на ваков систем кој е според европски стандарди.
Системот за управување со отпадот на новата регионална депонија предвидува и претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола, а ќе се формира и јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт и одлагање на сметот.
С. ВРЕНЦОВСКА