Цевките за парно кои беа запалени во пожарот на мостот „Беласица“ во центарот на Скопје почнаа да се отстрануваат. Екипи од ЕСМ Дистрибуција на топлина работат на вадење на цевките и велат дека ќе се вложат максимални напори демонтажата да се заврши во најкраток можен рок.
„И покрај опожарувањето на мостот ‘Беласица‘, во следната грејна сезона која почнува во октомври 2023 ќе има сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа“, велат од ЕСМ.
Мостот „Беласица“ се запали на 12 мај и оттогаш е затворен за сообраќај. Иако експертизата е готова, градоначалничката Данела Арсовска не кажува кога ќе почне санацијата и што вклучува таа.
Експертиза за мостот ја правеше приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски. Таа покажува дека мостот немал сериозни оштетување и потребна е лесна санација.
За разлика од Гаревски, деканот на Градежен факултет Горан Марковски изрази сомнеж во начинот на кој се правеле испитувањата и посочи дека треба да се направат детални анализи, а тоа не е сторено. Укажа дека е несериозно со снимки од дрон да се испитува дали каблите за преднапрегање се оштетени.
„Колку пожарот е подолготраен се формираат микро пукнатини кои не се видливи со голо око, а знаеме дека пожарот траел 4 часа. Не е гаранција ниту тоа дека ако не се менува бојата бетонот е добар. Каблите за преднапрегање на висока температура омлитавуваат, се издолжуваат и силата им опаѓа. Многу е важно да се утврди дали температира од над 200 степени стигнала до каблите. Несфатливо е да се прави испитување, а да не се допре до средното поле на мостот. Тоа е недозволиво за ваква експертиза. Постојат скелиња, но и машини кои овозможуваат пристап до средното поле, да се влезе до сандаците на мостот и да се земат соодветни примероци. Зошто не е влезено не ми е познато, несериозно е да се носат заклучоци врз база на снимки“, рече Марковски во своето излагање за тоа како треба да се вршат испитувањата на мостот.
И францускиот експерт за мостови Жулијан Ердоган минатата недела при посета на Скопје кажа дека не може да се испита состојбата на каблите за преднапрегање со снимки од дрон. Според него, за да се испита состојбата на внатрешните кабли за преднапрегање на мостови мора директно да им се пристапи и за тоа постојат специјални технологии.
А. АНТЕВСКА