Центарот за социјални работи во Велес досега нема примено пријава од жена лице со попреченост за каква било форма на насилство врз неа, беше кажано на трибината за заштита од насилство врз жената, одржана во Велес за „16 денови активизам против родово базирано насилство“.
„Овој податок е поразителен. Одговорот е дека овие жени со попреченост, жртви на насилство, не знаат каде да се обратат, немаат можност како и каде да го кажат тоа. Лицата со попречност секогаш се зависни од некого, а токму тоа лице може да е сторителот на насилството. Таа популација не може да биде имуна на кое било насилство, семејно, сексуално. Но дел од нив не може да говорат, немаат моќ и тоа нивни блиски го злоупотебуваат“, вели Далиброка Златева од од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.
Ниту децата со попреченост не пријавуват насилство врз нив. За нив ќе илезе во јавност повремено некој случај, колку за да се констатира нефункционалноста на системот, вели Вангелица Гаврилова, докторка на психолошки науки. Таа вели дека полицијата и Центрите за социјални работи си ја префрлаат одговорноста за пријавите, исто као што и семејството и образовните инстиуции меѓусебно се прозиваат кој затаил во воспитувањето.
„Децата со попреченост се исто жртви на сексуално, физично и друго насилство, но молчат. Сторителите манипулираат со нив, ги заплашуваат, снимаат видеа па им се закануваат дека ќе ги објават. Само ако кажеш, ќе му го дадам видеото на татко ти и – детето молчи. Потоа, зависи од степенот на попреченоста на детето, посебно ако е интелектуална. За жал, уште кај нас владеат патријархалните и традиционални размислувања, дека мажот доминира, дека е нормално мажот да удри, вербално да навредува. Има некои мали напредоци кај дел од младите, но тоа е премалку и преспоро. Децата се учат од мали нозе, од градинките, и таму треба да се учат за родова еднаквост, за почитување, да нема делба дома на обврски маж-жена“, рече Гаврилова.
Таа смета дека до напредок кај состојбата со правата на лицата со попреченост може да дојде само ако такво лице влезе во институциите на државата, законодавната или извршната власт, во Влада или во Парламентот. Во четири од 81 општина во Македонија, има по едно лице со физичка попреченост кое е член на Советот на Оптшината.
П. ПЕЧКОВ