Финансиската полиција в понеделник влегува во Град Скопје за да провери колку и како се потрошени пари од градскиот буџет за новогодишното украсување на градот. Градоначалничката Данела Арсовска вели дека за украсувањето се потрошени 30.000 евра, а нема објавено тендер, ниту јавен повик.
„Согласно Законот веќе сме во подготовки и в понеделник ќе влеземе во Град Скопје за да направиме проверки во однос на трошењето на буџетски пари за украсувањето на Скопје“, ни изјави Горан Иванов, директор на Финансиската полиција.
- ДАНЕЛА КРИЕ КОЈ ГО КИТИ СКОПЈЕ ЗА 30.000 ЕВРА, А ЗА ТОА НЕМА ЈАВНА НАБАВКА
-
НИ ТЕНДЕР, НИТУ ЈАВЕН ПОВИК ЗА 30.000 ЕВРА КОИ ДАНЕЛА ВЕЛИ ГИ ПОТРОШИЛА ЗА УКРАСУВАЊЕ НА СКОПЈЕ
САКАМДАКАЖАМ.МК изминативе два дена пишуваше и истражуваше дека за новогодишното украсување на градот нема ниту јавен повик ни јавен конкурс. Арсовска вели дека имало јавен повик, но не го покажува и не одговара на нашите прашања кој го добил повикот која е фирмата која украсува, кој ги поставува куќарките на Плоштад Македонија, кој ќе пее за новогодишната прослава и колку ќе бидат платени пејачите.
На веб-страната на Град Скопје на која се објавени сите јавни повици врз основа на што се информира јавноста и оние кои сакаат да конкурираат, повик за новогодишно украсување нема. Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК упорно проверуваше на веб-страната на Град Скопје во делот каде стојат јавни повици. Но, таму нема повик за украсување, ниту за организирање на новогодишен базар или новогодишна прослава. Објавени се само јавни повици за член на партиципативно тело за урбанизам, за повластен јавен превоз за лица со посебни потреби, за лиценци за авто-такси превозници, за доделување финансиски средства за проекти од областа на спортот и младите и други.
Тендер за новогодишно украсување нема ниту на страната на Бирото за јавни набавки. Град Скопје има склучено договор само за набавка на новогодишни пакетчиња. И да е новогодишното украсување подарок од општествено-одговорни фирми, како што велеше Арсовска за минатите две години, тоа треба јавно да се декларира, оти постои опасност од корупција ако тие фирми добиваат тендери од Градот во иднина. Освен тоа, и да е подарок, тој што решил да донира, треба да плати данок. Тој што решил да даде донација согласно Закон за донации и спонзорства треба да спроведе процедура за да добие решение од Министерство за правда за ослободување на данок односно донација од јавен интерес.
Данела Арсовска на локалните избори во 2021 година беше кандидат за градоначалник поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
А. АНТЕВСКА