ГАЗДИТЕ НА ЛЕТНИТЕ ДИСКОТЕКИ ВО СКОПЈЕ В СРЕДА ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ОТИ НЕ ИМ СЕ ДАДЕНИ ЛИЦЕНЦИ ЗА РАБОТА ВО ГРАДСКИ ПАРК

    ГАЗДИТЕ НА ЛЕТНИТЕ ДИСКОТЕКИ ВО СКОПЈЕ В СРЕДА ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ОТИ НЕ ИМ СЕ ДАДЕНИ ЛИЦЕНЦИ ЗА РАБОТА ВО ГРАДСКИ ПАРКОрганизатор на протестот е иницијативата „Сакаме ноќен живот во Скопје“. (Фото: СДК.МК)

    Газдите на летните дискотеки кои се наоѓаат во Градскиот парк в среда ќе протестираат пред Владата оти ниту еден клуб сè уште нема добиено лиценца за работа. Организатори на протестот, кој ќе се одржи во 20 часот, се иницијативата „Сакаме ноќен живот во Скопје“. Велат дека е срамота во главниот град да нема никаков ноќен живот за време на летото и прашуваат зошто сега Министерството за економија не им дава лиценци кога со години врз основа на истатата документација добивале дозволи за работа.

    „Помина пола лето, а летните клубови немаат уште добиено лиценци иако сè е платено. Што е променило оваа година за да Mинистерството за економија не може да издаде лиценци, кога три децении летните ноќни клубови со истата документација ја добивале? И наместо да се најдат начини и можности да го одржиме барем на минимално ниво ноќниот живот во градот ова лето, скопскиот полноќен живот е во целосен мрак“, рече Здравко Јосифовски, претседател на Независна угостителска комора (НУК).

    Од Министерството за економија велат дека не можат да им се издадат лиценци на клубовите додека не се добие позитивно мислење од Министерството за внатрешни работи. Од МВР пак велат дека барањата на клубовите во Градскиот парк е правно неиздржани, бидејќи немаат сообраќаен проект и имотен лист.

    Дискотеките во Градскиот парк се имот на Град Скопје, односно тие со години се изнајмуваат преку Трговското друштво „Луна ДООЕЛ“ кое стопанисуваше со луна паркот кога тој работеше.

    Граѓаните со години реагираа на бучавата и гласната музика која секоја вечер ечи од паркот. Пред неколку месеци, граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ побара од Град Скопје при доделувањето лиценци за летни дискотеки да се поднесе и проект за озвучување. Со писмо испратено до сите советници во Град Скопје тие предлагаат сопствениците на дискотеките да бидат обврзани да постават озвучување со кое звукот ќе биде единствено насочен кон подиумот и со тоа нема да ечи цел град во текот на ноќните часови.

    Кога го презентираше проектот за новиот луна парк, ексградоначалникот Петре Шилегов кажа дека тој ќе се протега и на местото на летните дискотеки односно тие ќе бидат урнати. Во негово време овој проект не почна да се реализира и тогаш Шилегов рече дека поради пандемијата на ковид-19 парите се пренаменети за други проекти. Градоначалничката Данела Арсовска веднаш по доаѓањето на функцијата кажа дека проектот луна парк ќе го продолжи и дури најави дека дел од содржините ќе бидат готови летово, но досега на терен нема никакви активности.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира