Непознат сторител синоќа ги полеал со бензин бараките на ЈП „Паркови и зеленило“ и потоа ги запалил. Снимката од безбедносните камери, објавена на Фејсбук страната на претпријатието, покажува дека пожарот е подметнат од засега непознат сторител.
Како што велат од „Паркови и зеленило“, пожарот избувнал во делот на архивата, магацинот и просториите на Секторот за финансии. По брзата реакција на чуварската служба и брзата интервенција на Противпожарната бригада пожарот е навремено изгаснат и не е причинета голема материјална штета.
„Сите документи се сочувани, како и просториите на претпријатието. Веднаш на лице место излезе увидна екипа на МВР за утврдување на причините за пожарот. Најостро го осудуваме овој чин на намерно опожарување на просториите на претпријатието и активно ќе соработуваме со надлежните органи во собирањето на докази за расчистување на случајот, изнаоѓање на сторителите и нивно изнесување пред лицето на правдата“, се вели во соопштението од претпријатието.
За една година ова е втор пожар во простории на јавно претпријатие под надлежност на Град Скопје. Во декември 2021 се запалија бараките на „Улици и патишта“ зад ТЦ „Буњаковец“ откако експлодира кола која била паркирана до објектот.
А. АНТЕВСКА