ГИ РАЗРУШИЛ ДВОРОВИТЕ НА ДВЕ ВИКЕНДИЧКИ НА ПОПОВА ШАПКА ЗА ДА СИ НАПРАВИ ГАРАЖА И ПАТ ДО СВОЈАТА КУЌА КОЈА Е ДИВОГРАДБА

    ГИ РАЗРУШИЛ ДВОРОВИТЕ НА ДВЕ ВИКЕНДИЧКИ НА ПОПОВА ШАПКА ЗА ДА СИ НАПРАВИ ГАРАЖА И ПАТ ДО СВОЈАТА КУЌА КОЈА Е ДИВОГРАДБАОд Општина Тетово велат дека му е наложено на лицето да запре со градеѓните работи. (Фото: СДК.МК)

    Точно пред една година Шар Планина беше прогласена за Национален парк, но тоа воопшто не ги засега бројните узурпатори и понатаму, со несмален интензитет, да продолжат на диво да градат голем број објекти во заштитените зони. На патот од Тетово до Попова Шапка изградени се или интензивно се градат голем број викендички и други поголеми објекти, а исто така многу лоша е состојбата и во викенд населбата на Попова Шапка. Се гради каде што ќе се стигне и тоа без никаква дозвола, бидејќи Деталниот урбанистички план (ДУП) за Попова Шапка сè уште не е донесен.

    Дека узурпаторите не почитуваат ниту законот ниту прописи, на свои плеќи го почувствуваа двајца тетовци кои повеќе од 40 години имаат свои викендички на Попова Шапка. Над нивните викендички почнала да се гради нова градба за која нема дозвола, а нејзиниот сопственик ангажирал булдожер и им ги раскопал дворовите со цел да си направи гаража и пат до викендичката.

    „Направена е огромна штета. Се работи за бесправно и нелегално градење и узурпација на нашите дворови. Иако дворовите на сите викендички на Попова Шапка се водат како државно земјиште, овој човек кој гради објект над нашите викендички, без никаква најава, без никакви документи и одобренија помеѓу нашите две викендички ископа огромна дупка под негово образложение дека тука ќе градел гаража за негови лични потреби. Ние случајот го пријавивме во полиција и во градежен инспекторат на Општина Тетово. Минатата недела полицијата излезе на терен по што градбата беше сопрена, но по неколку денови, и покрај укажувањето од полицијата градежните работи продолжија па моравме уште неколку пати да реагираме. Направен е записник, но уште чекаме валиден документ од надлежните институции. Имам информација од градежен инспекторат од Општина Тетово дека се излезени екипи на терен и очекувам и тие соодветно да реагираат. Испратена е претставка и до Државен градежен инспекторат но од таму сé уште немам одговор“, вели Дејан Димитриевски, еден од сопствениците на викендичките чии дворови бесправно се уништени.

    И додека се чека надлежните служби да си ја завршат работата сопственикот на дивоградбата не мирува туку продолжува да работи и да нанесува дополнителни штети.

    „Направивме комуникација со лицето кое ги узурпира нашите дворови, но добивме само моментални ветувања дека ќе престане со работите, додека на лице место состојбата е сосем друга. Точно е дека врати назад неколку камиони земја, но имаше обид на истото место да направи голема врата и скали кои би воделе до неговата викендичка, нешто што исто така не е дозволено. Досега се направени огромни штети. Искинати се кабли за електрична енергија па десетици викендички од овој дел останаа без струја  додека од ЕВН не дојдоа да ја санираат штетата. Скината е и цевка од канализација, разрушен е и овој бетонски ѕид до патот, правен уште пред 30 години кој служи да спречи да не се свлекува земјиштето, а оштетени се и корените на ова дрво кое може секој момент да падне на патот и да повреди некого“ ги набројува Димитриески штетите што се направени со оваа узурпација.

    Од Општинскиот инспекторат на Општина Тетово велат дека се запознати со овој случај и дека веќе реагирале.

    „Ние излеговме на терен, ја увидовме состојбата и наложено му е на лицето кое вршело градежни дејствија за изградба на гаража и пат да престане со работа. Гаража тука не може да прави, тоа е повеќе од јасно. Ние тоа му го рековме на човекот. Сега вршиме контроли на Попова Шапка два пати неделно и врз основа на пријавите одиме горе и интервенираме“, изјави Абдул Гани од општинскиот инспекторат.

    Вакво бесправно узурпирање на земјиштето на Попова Шапка не е реткост. Димитриески вели дека речиси секоја десетта викендичка има вакви и слични проблеми со незаконски градби.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира