ГО ИЗДАДОВМЕ НА ПРИВАТНА ФИРМА САМО ФУДБАЛСКОТО ИГРАЛИШТЕ, НЕ И ЦЕЛ ДВОР, ЌЕ НЕМА КАФУЛЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ШКОЛОТО „КИРО ГЛИГОРОВ“

    ГО ИЗДАДОВМЕ НА ПРИВАТНА ФИРМА САМО ФУДБАЛСКОТО ИГРАЛИШТЕ, НЕ И ЦЕЛ ДВОР, ЌЕ НЕМА КАФУЛЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ШКОЛОТО „КИРО ГЛИГОРОВ“Директорката смета дека нема ништо спорно во тоа што се издава игралиштето на приватна фирма, оти тоа го правеле раководствата и на други средни и основни училишта.  (Фото: К. Попов)

    Директорката на основното училиште „Киро Глигоров“ во скопски Капиштец, Билјана Билбиловска, вели дека на приватна фирма е издадено само фудбалското игралиште, не и цел двор на школото. Билбиловска, која вчера кога имаше протест на родителите против издавање на игралиштето не одговараше на телефонските повици од САКАМДАКАЖАМ.МК, денеска испрати писмено соопштение до медиумите во кои вели дека не се вистини написите дека ќе има кафуле во делот што е изнајмен на приватна фирма.

    „На бетонското фудбалско игралиште ќе нема поставување никаков придружен објект кој ќе се користи за други намени, како што дел од медиумите известија. Изнајмувањето на игралиштето е предвидено само по неколку часа во работни денови и само на фудбалското игралиште, додека останатиот дел од училишниот двор останува отворен за децата и родителите“, вели Билбиловска.

    Директорката смета дека нема ништо спорно во тоа што се издава игралиштето на приватна фирма, бидејќи тоа го правеле раководствата и на други средни и основни училишта.

    „Целокупната постапка околу избор на правно лице кое ќе го користи просторот бетонско фудбалско игралиште е спроведена целосно во согласност на законите. По претходно запознавање, донесена е Одлука од страна на Училишниот одбор, составен од 3 претставници од Совет на родители, 3 претставници од Наставнички совет и 1 претставник од локалната самоуправа. Дадена е Согласност од претходниот градоначалник Саша Богдановиќ на 25.5.2021“, додава Билбиловска.

    Родители на децата кои учат во училиштето, но и жители на Капиштец вчера протестираа велејќи дека не се согласуваат со распродавање на имотот на Општината за приватни бизниси. Тие потенцираа дека игралиштето им е единственото место за игра на децата со оглед на тоа дека цел Капиштец е затрупан со згради од сите страни, а нигде нема детски игралишта.

    Ова не е првпат имотот на училиштето „Киро Глигоров“, кои е направено со пари од граѓаните и важи за најмодерно во државата, да се дава на приватни бизниси. Лани имаше обид дел од просториите на училиштето да се издадат на приватно средно училиште, но по реакциите во јавноста и пишувањата на медиумите одлуката беше повлечена.

    Училиштето „Киро Глигоров“ беше отворено во септември 2019 и чини 5,5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира