СО ГОДИНИ БАРАМЕ ИДЕНТИФИКАЦИЈА НА ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ И РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ПАНКО БРАШНАРОВ, РЕВОЛТИРАНИ СЕ НЕГОВИТЕ ВНУЦИ ВО ВЕЛЕС

    СО ГОДИНИ БАРАМЕ ИДЕНТИФИКАЦИЈА НА ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ И РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ПАНКО БРАШНАРОВ, РЕВОЛТИРАНИ СЕ НЕГОВИТЕ ВНУЦИ ВО ВЕЛЕСПред споменикот на Панко Брашнаров во Велес неговите внуци денеска присуствуваа на одбележувањето на 135-годишнината од неговото раѓање и 67-годишнината од смртта (Фото:СДК)

     

    Внуците на Панко Брашнаров, кој како најстар делегат го отвори Првото заседание на АСНОМ, се разочарани од инертноста на државата за идентификација и пренос на неговите останки од Хрватска. Тие денеска присуствуваа на одбележувањето на 135-годишнината од неговото раѓање и  67-годишнината од смртта, пред  споменикот на Панко Брашнаров во Велес.

    „Со години зборуваме исто, но ништо не се презема. Баравме веќе неколку години да се забрза процесот за идентификување на коските на Брашнаров, чиј гроб според документите беше пронајден на гробиштата Мирогој во Загреб. Подготвени сме да дадеме ДНК за идентификација. И не се најде маж да се изврши рехабилитација на Панко“, вели правнукот Милчо Брашнаров.

    Панко Брашнаров, народниот трибун и борец за социјални права, кај велешани е познат како народниот учител, а целиот негов живот го посветил во борбата за човечки правдини. Тој бил социјалист,  член на  КПЈ и делегат на конгресот во Виена во 1926, член на првиот основачки конгрес на  ВМРО (Обединета).  Неговите потомци, правнуците од браќата ја објаснуваат големината на нивниот дедо.

    „Татко ми раскажуваше дека сите џебови на  Панко биле сошиени, како да ги немал. Тоа за да  не држи пари со себе, сите што ги имал ги давал. Потоа не сакал да се ожени оти  не сакал неговата фамилија да ги трпи последиците од револуционерната борба и ставовите  кои ги имал“, вели Елена Панова, правнука на Панко.

    Во неговиот 68-годишен животен пат, 50 години бил вклучен во револуционерни активности а повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори. На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. При  апсењето на Брашнаров, по провалата во ВМРО  во 1928, петиција за негово пуштање од затвор потпишале 68 светски  интелектуалци, меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Анри Барбис, Јакуп Хурвиц, Регина Рубен.

    „Животот и делото на Панко Брашнаров, маркантна личност од македонската историја, чија животна патека не е само приказна за беспоштедната борба и непокор, туку живот кој е испишан во неколку поглавја на македонската историја. Во животната патека на Панко Брашнаров, сведокот на двата Илиндена, може да се препознае историјата на македонскиот народ“, рече на чествувањето Анита Василкова-Мидоска, директор на Народниот музеј од Велес.

    Брашнаров беше избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ. Животот го завршува трагично и мизерно. По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото против раководството на КПЈ во јуни 1948, Брашнаров недвосмислено застанува на страната на СССР и Сталин. Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци“. Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што умира на 13 јули 1951. Долги години не се знаеше неговиот гроб, кој според документи беше откриен во 2011, но досега ништо не е преземено да се идентификува дали во него се и останките на Брашнаров.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира