Град Скопје денеска почнува со уривање на галијата во реката Вардар кај хотелот „Холидеј ин“ во строгиот центар на градот. Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека се исполнети правните услови за овој брод да биде тргнат од коритото на реката и издадено е решение денеска да почне да се отстранува дел по дел.
Галијата ќе ја отстрануваат екипи од ЈП „Улици и патишта“, а се чека асистенција на полицијата за да почне интервенцијата.
Шилегов уште кон крајот на јуни најави дека е раскинат договорот со сопственикот на бродот бидејќи не платил кирија за 4 месеци. Со тоа се прекршени одредбите од договорот и може да се отстрани без Градот да биде тужен и да плаќа пенали.
Локација за бродот „Среќа“ најпрво на јавното наддавање во Град Скопје беше купена од фирмата „Фаланга ДООЕЛ“ која ја доби и локацијата кај МЕПСО. Потоа газда стана фирмата „Интек Мак“, за на крај бродот да го добие „Севрис АД“ . Рокот на користење беше 10 години од почнување со работа, а месечната кирија 64.999 денари.
Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февурари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста кај Градскиот трговски центар. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.
Во студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи се вели дека бродовите за третина ја намалиле проточноста на реката и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.
А. АНТЕВСКА