Град Скопје ќе дава субвенции од 1.000 денари по домаќинство за чистење на оџаци. Граѓаните од денеска ќе можат да аплицираат за да добијат субвенција, а според предвидените средства во буџетот пари ќе има за 2.000 домаќинства.
Јавниот повик трае два месеци и ќе биде реализиран по принципот прв дојден прв услужен. Граѓаните ќе треба до архивата на Град Скопје да поднесат барање за надоместок, доказ за жителство во град Скопје односно фотокопија од лична карта или пасош, потврда за реализирано чистење на оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот, фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци и фотокопија од трансакциска сметка.
Во Скопје има две лиценцирани фирми за чистење на оџаци. Од таму велат дека цената за чистење е од 1.200 до 4.000 денари, но најчесто чистењето на оџаците во куќите низ Скопје се движи од 1.200 до 1.500 денари.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека целта на субвенционирање на оџаци е да се поттикнат граѓаните да ангажираат лиценцирани фирми и да се намалат штетните емисии од нечистите оџаци.
„Од сезонава почнуваме нова пракса, која се надевам дека ќе стане навика. Домаќинствата мора да ги одржуваат оџаците бидејќи тие се сериозен извор на ПМ 10 честички во текот на зимата, а знаеме дека во Скопје над 40 отсто од семејствата се затоплуваат на дрва. За да им овозможиме брза и ефикасна услуга на граѓаните летово организиравме курс за оџачари, а во тек е и обуката на втората група. Тоа се овластени и обучени лица кои професионално ќе ја завршат работата“, вели Шилегов.
Летово Град Скопје организираше и обука на оџачари, дел од лицата кои беа на предавањата ќе бидат вработени во фирмите за чистење на оџаци.
А. АНТЕВСКА