ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ФОРМИРА ФОНДАЦИЈА „РАЗВОЕН ИНСТИТУТ СКОПЈЕ“ ЗА ПОКВАЛИТЕТЕН ЖИВОТ И РАЗВОЈ НА ГРАДОТ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ФОРМИРА ФОНДАЦИЈА „РАЗВОЕН ИНСТИТУТ СКОПЈЕ“ ЗА ПОКВАЛИТЕТЕН ЖИВОТ И РАЗВОЈ НА ГРАДОТОсновачи на оваа фондација ќе бидат Град Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а работењето ќе го финансира Градот. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје ќе формира фондација „Развоен институт Скопје“ која треба да го подобри квалитетот на живот и ќе обезбеди подобро планирање и одржлив развој на градот.

    Основачи на оваа фондација ќе бидат Град Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои ќе партиципираат во основачкиот влог од 5.000 евра, просторот за функционирање ќе го обезбеди УКИМ, а програмското работење ќе го финансира Град Скопје.

    Како што објаснуваат од Градот оваа фондација, преку развој и тестирање на иновативни модели на работа, соработка, финансирање и инвестиции, треба да даде активен придонес во системската трансформација на начинот на функционирање на градот. Дополнително, преку активна и директна соработка со научната и академската заедница на „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје треба да обезбеди поволно опкружување за унапредување на животот во градот, развој на образованието, животната средина, економијата, културата.

    „Фондацијата ‘Развоен институт Скопје‘ (РИС) е нова иницијатива, субјект што ќе ја организира активната соработка помеѓу градот, академската заедница и другите засегнати страни, актери на еко системот. Таа има за цел да развие нови модели, структури и пристапи кон предизвиците на градот, кои ќе обезбедат воспоставување нови практики за правилен системски развој на градот и неговата трансформација во одржлив, зелен, економски, културен и урбан центар. Моменталните форми на владеење/управување, дизајнирани и развиени за традиционалните градски операции и услуги не можат да ја водат амбициозната климатска транзиција. Нов модел на управување на градот кој има способност да поттикнува и води системска трансформација за климатска неутралност треба да ја поттикне засегнатата јавна администрација да се развива од својата ограничена традиционална работна култура и организација кон постратешки, мултисекторски, интегриран начин на работење воден од потребите на граѓаните“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов до советниците кои треба оваа одлука да ја разгледуваат на седницата во четврток.

    Од Градот очекуваат фондацијата да создаде независен, професионален и експертски центар што треба да обезбеди објективни, аналитички и релевантни информации од интерес на градот Скопје, градоначалникот на град Скопје, градската администрација, државните институции, научно-истражувачките институции и за потенцијалните инвестиции од приватниот сектор.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира