ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ОРГАНИЗИРА МААЛСКИ КОНЦЕРТИ ДА СЕ СЛЕДАТ ОД БАЛКОНИТЕ, ЗА УМЕТНИЦИТЕ ДА МОЖАТ ДА ЗАРАБОТУВААТ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ОРГАНИЗИРА МААЛСКИ КОНЦЕРТИ ДА СЕ СЛЕДАТ ОД БАЛКОНИТЕ, ЗА УМЕТНИЦИТЕ ДА МОЖАТ ДА ЗАРАБОТУВААТКако што велат од Град Скопје со вакви проекти им се излегува во пресрет на барањата на независната културна сцена да им се овозможи социјална сигурност и можност за културно творештво на уметниците без постојана егзистенција, а кои со вонредната состојба ги изгубија сите свои ангажмани.(Фото: К.Попов)

    Од понеделник низ Скопје ќе се организираат маалски концерти кои граѓаните ќе можат да ги следат од своите балкони. На повеќе локации низ градот за време на полицискиот час уметници ќе одржуваат концерти во рамките на акцијата на Град Скопје „Култура во време на корона“. Ангажираните изведувачи ќе бидат невработени уметници и ќе добиваат еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари.

    Како што велат од Град Скопје со вакви проекти им се излегува во пресрет на барањата на независната културна сцена да им се овозможи социјална сигурност и можност за културно творештво на уметниците без постојана егзистенција, а кои со вонредната состојба ги изгубија сите свои ангажмани.

    Со „Култура во време на Корона“ се предвидува пренамена на буџетските средства, одложување на неприоритетните капитални инвестиции во културата, загарантиран минимален хонорар за сите ангажирани уметници за време на кризата, како и адаптирање на културните програми на сите градски институции на новите услови на работа.

    „Скопје како кандидат за европски град на културата 2028 година мора да покаже дека се грижи за домашната сцена и особено за локалните невработени уметници во овој критичен период за нивниот опстанок. Затоа, го задржуваме истиот буџет за култура, но средствата ги насочуваме кон луѓето и програмите, наместо кон капиталните инвестиции. Луна Паркот како неприоритетна инвестиција ќе биде одложен за некоја година, но затоа Универзалната Сала и веќе започнатите реконструкции во градските институции ќе се реализираат. Предвидуваме и кратење на буџетите за оние меѓународни настани кои што нема да може да се одржат заради затворените граници и нивно пренасочување во проекти на домашни уметници и здруженија. Ги уверуваме уметниците и културните работници дека нема да бидат заборавени, а нашите сограѓани, иако под изменети околности, и оваа година нема да имаат недостиг од културни содржини“, вели градоначачникот Петре Шилегов.

    Според предвиденото со програмата „Култура во време на корона“, дел од проектите поддржани со Јавниот повик за 2020 година ќе бидат авансно исплаќани, соодветно на потребите за уметниците од независната културна сцена да добијат помош за надминување на првиот финансиски удар. Доајените во културата над 70 години ќе добиваат логистичка и психолошка поддршка од волонтери на Град Скопје.

    „Истовремено, Град Скопје ќе работи на содавање на пост-кризна стратегија за култура која што ќе значи редефинирање на програмите, изработка на нов план на активности, здружено споделување на ресурсите на градските културни установи, како и изнаоѓање на нови простори кои ќе нудат можности за следење на зголемениот број на културни содржини по завршувањето на вонредната состојба“, велат од одделението за култура на Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира