ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ НОВИ РУТИ ЗА ДВИЖЕЊЕ НА АВТОБУСИТЕ, СЕГА ВОЗАТ СПОРЕД КОНЦЕПТ ОД ПРЕД 40 ГОДИНИ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ НОВИ РУТИ ЗА ДВИЖЕЊЕ НА АВТОБУСИТЕ, СЕГА ВОЗАТ СПОРЕД КОНЦЕПТ ОД ПРЕД 40 ГОДИНИСо студијата ќе се понудат нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје ќе воведува нови линии на автобусите, со кои ќе се замени сегашната организација на јавниот превоз стара 40 години. Денеска беше потпишан договор со израелско-англиски конзорциум, кој во рок од една година треба да понуди нов концепт на движење на автобусите низ градот. Оваа студија ќе понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред. Дополнително, студијата ќе ги вклучи и двете рути на брзиот автобуски транспорт (БРТ).

    Како што кажа на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов станува збор за исклучително искусни и реномирани компании кои изработувале вакви студии за потребите на јавниот превоз на градови од Израел, Велика Британија, Романија, Литванија, Хрватска и други земји членки на ЕУ.

    „Имајќи предвид колку градот е променет за овие 40 години и во однос на популацијата и во однос на урбаниот развој, изработката на оваа нова студија е и повеќе од неопходна. Застарениот концепт е причината за континуираниот пад на атрактивноста на јавниот превоз во Скопје, а со тоа и неколкукратно намалениот број на патници кои ги користат услугите на ЈСП и приватните превозници, за сметка на зголемувањето на употребата на автомобили што го прави неодржлив системот на јавен градски превоз. Од оваа студија очекувам да понуди нови решенија за системот на јавниот превоз кои ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено води до пораст на бројот на патници кои го користат јавниот превоз, правејќи го индивидуалниот автомобилски превоз помалку атрактивен, а градскиот одржлив“, кажа Шилегов.

    Студијата е опфатена со проектот за набавка на 33 еколошки автобуси кои беа купени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Во рамките на тој проект од ЕБОР е обезбедена и техничка поддршка преку грант од неповратни средства за изработка на Студија за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира