ГРАД СКОПЈЕ НИТУ ОВАА СЕЗОНА НЕМА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ОД БЕГ, УШТЕ НЕМА ЛИЦЕНЦА

    ГРАД СКОПЈЕ НИТУ ОВАА СЕЗОНА НЕМА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ОД БЕГ, УШТЕ НЕМА ЛИЦЕНЦА

    Град Скопје ниту оваа зима нема да го преземе парното греење од сегашниот снабдувач „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) бидејќи уште ја нема добиено лиценцата. Градоначалникот Петре Шилегов уште во април 2018 година најави дека Град Скопје ќе ја преземе дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија од БЕГ, но тоа никако да се случи. Најпрво проблем беше тоа што мрежата била дивоградба, па се чекаше да заврши процесот на нејзина легализиација, а сега, како што објаснува Шилегов, работите се одложиле поради коронакризата и изборите.

    „Процесот е застанат поради парламентарните избори. Лиценца не може да се издаде во предизборен период, а тој започна во декември лани. Ние изгубивме 8 месеци поради изборите кои беа одложени поради пандемијата на ковид-19. Сега формални пречки по тој основ нема и треба Владата да се произјасни по дописот на Регулаторна комисија, за да може да ни се издаде лиценца и Градот да биде снабдувач со топлинска енергија на граѓаните на Скопје. Тоа е концепт што нема алтернатива. Градот треба да раководи со топлификацискиот и гасоводниот систем, а не како досега, да биде нем набљудувач во тој процес. Ние треба да бидеме креатори на енергетската политика“, вели градоначалникот Шилегов.

    За да управува со топловодната и гасоводната мрежа во Скопје, Градот формираше и јавно претпријатие „Градски енергетски системи“. Еден од приоритетите во работата на новото претпријатие треба да биде поврзување на „Топлана Север“ со топловодната мрежа, проширување на мрежата во другите делови на градот и спроведување политика што поголем број граѓани да се приклучат на парно греење и да добиваат пониски сметки.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира