Град Скопје објави оглас за купување Градска куќа. Според условите наведени во огласот, новиот објект во кој ќе бидат сместени градоначалникот на Град Скопје и градската администрација, мора да биде во строгиот центар на градот односно во Мал ринг. Да има површина од 4.000 до 9.000 метри квадратни, паркинг простор за 20 до 70 возила, обезбедена инфраструктура и имотен лист или лист за предбележување.
„Проценетата вредност за набавка на објектот не треба да биде поголема од 11 милиони евра со вклучен ДДВ. Парите се обезбедените од буџетот на Град Скопје, а плаќањето ќе се врши на најмногу 24 месечни рати“, стои во огласот објавен во неколку дневни весници минатата недела.
Рокот на поднесување на понудите е 15 календарски дена од денот на објавување на огласот, односно понудите треба да се достават најдоцна до 13 октомври.
Во моментов, градоначалникот на Град Скопје и администрацијата се сместени во бараките кај Градски парк. Откако ќе се исели градската администрација во нов објект, на местото на бараките ќе се гради монтажен паркинг со спортски терени. Маркичката за деловен простор на оваа парцела, со приземје, 5 ката и поткровје, e избришана со новиот Детален урбанистички план Градска четврт 3.12- локалитет Парк 1 и дел од Дебар Маало 2.
Градоначалникот Петре Шилегов пред две години за 12.7 милиони евра ѝ ја продаде Градската куќа на кејот на реката Вардар под тврдината Кале на австриската компанија ЕВН. Одлуката за продажба на објектот кој почна да го гради неговиот претходник Коце Трајановски беше донесена со образложение дека се наоѓа на несоодветна локација и нема да ги собере сите вработени во Градот.
А. АНТЕВСКА